Тече рокот од 15 дена за увид во доказите откако заврши истрагата за дел од осомничените за грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Ако се има предвид дека обвинителството на 15 мај соопшти дека истрагата за случајот е завршена тогаш увидот најверојатно треба да биде спроведен во теков на неделава по што ќе биде поднесено и обвинение за случајот.
Владимир Туфегџиќ адвокатот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски в среда е повикан во обвинителството, а рокот да се изјасни во однос на доказите, како што рече за Телма, истекува на 1 јуни. Ѓорчевски е осомничен дека помогнал во грабнувањето на неговата ќерка, односно давал информации за нејзиното движење. Тој тврди дека е невин, а казната за кривичното дело за кое се товари е до 10 години затвор.
Телма се обиде да исконтактира и со адвокатите на Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски кои се осомничени дека се соизвршители во грабнувањата и убиствата, а еден од нив не извести дека се уште не добил термин од обвинителството за увид во доказите против неговиот клиент.
Извесно е дека обвинителството за нив ќе бара најстрога казна – доживотен затвор. Кога беа приведени тие признаа вина и ја одведоа полицијата до местата каде што биле закопани жртвите. Како организатор на грабнувањата и извршител на убиствата тие го посочија Љупчо Палевски Палчо, кој на 15 мај беше екстрадиран од Турција. Палевски на 5 декември, минатата година беше уапсен во Баликесир по распишаната меѓународна потерница.
Стефан Димковски кој го превезе Палевски од Белград до Турција е осомничен за помагање по извршеното кривично дело. Тој тврди дека е невин и дека кога го возел Палевски не знаел дека полицијата е во потрага по него.
По поднесувањето на обвинителниот акт, обвинетите имаат 8 дена за приговор. Ако не поднесат приговор, тогаш судот го одобрува, а рочиште ќе треба да се закаже за 30 дена. За обвинение против Палевски ќе се почека, бидејќи истрагата за неговата инволвираност во случајот започна кога тој стапна на македонско тло, а може да трае максимум 6 месеци.
Марија Митевска