Јапонија го укина највисокото предупредување за цунами, по серијата многу силни земјотреси, но им препорача на жителите на крајбрежните области да не се враќаат во домовите, зашто смртоносните бранови сè уште може да пристигнат.
Земјотресите, од кои најсилниот беше со јачина од 7,6 степени, предизвикаа пожари и урнаа згради на западниот брег на главниот јапонски остров Хоншу. Многу луѓе беа заробени под урнатините.
Засега нема информации колку луѓе се повредени или загинати.
Јапонската метеоролошка агенција извести за десетици потреси во близина на брегот на Ишикава и околните префектури нешто по 16 часот по локално време, или во 8 наутро по македонско време. Најсилниот земјотрес бил со јачина од 7,6 степени. Во наредните десетина часа беа регистрирани над 60 земјотреси.
Премиерот Фумио Кишида нагласи дека властите „ќе одговорат на катастрофата на начин што ќе ги стави човечките животи на прво место“.
„Најпрво би сакал да ги замолам сите жители да продолжат да обрнуваат внимание на овој силен земјотрес. Ако сте во област каде што се очекува цунами, во молам евакуирајте се што побрзо“, изјави јапонскиот премиер Фумиот Кишида.
Метеоролошката агенција издаде големо предупредување за цунами за Ишикава и предупредување за послабо цунами за остатокот од западниот брег на островот Хоншу, како и за најсеверниот остров Хокаидо.
Неколку часа подоцна предупредувањето беше намалено на редовно цунами.
„На пристаништето Ваџима, Ното, префектурата Ишикава, висината на цунамито е 1,2 метри, а во Тојама е 0,8 метри. Како што може да видите, ние исто така ги следиме цунамијата. Во моментов ги следиме цунамијата“, рече Тоширо Шимојама од Јапонската метеоролошка агенција.
Јапонскиот јавен радиодифузен сервис НХК ТВ првично предупреди дека водата би можела да достигне 5 метри во висина и ги повика граѓаните да избегаат на повисоки места или да се качат на покривите на околните згради што побрзо.
Најмалку шест домови биле оштетени од земјотресот, а луѓето се заробени внатре.
Во градот Ваџима во префектурата Ишикава изби пожар, а без струја останаа повеќе од 30 илјади домаќинства.
Метеоролошката агенција соопшти дека повеќе силни земјотреси може да ја погодат областа во текот на следната недела, а особено во наредните два-три дена.
Според агенцијата, во областа биле регистрирани повеќе од 10 силни земјотреси, со ризици за лизгање на земјиштето и уривање на куќи.
Јапонија е земја којашто е многу подложна на земјотреси.
Во март 2011, голем земјотрес и цунами предизвика дефект во нуклеарната централа Фукушима.
Владиниот портпарол рече дека нуклеарните постројки во погодената област досега не пријавиле проблеми.
Срѓан Стојанчов
