Вести Македонија Топ вести

Македонија ќе се празни „без пардон“ – за половина век, половина милион жители помалку според проекциите

За педесет години вкупното население во Македонија ќе се намали за над половина милион жители и ќе изнесува 1,3 милиони.

Ова е најпесимистичкото сценарио, кое е дел од проекциите на Државниот завод за статистика. Тоа не значи дека бројките ќе останат непроменети, затоа што многу фактори придонесуваат, вели директорот Симовски.

ДЗС денес официјално ја презентираше публикацијата за проекциите на населението во Македонија до 2070 година.

„Иднината не нѝ е светла од демографски аспект. Но, тоа не значи дека таа не може да се промени. Еден од најголемите проблеми е миграцијата. А, луѓето не мигрираат затоа што не можат да заработат во државата. Денес луѓето сакаат да имаат вистински можности во државата. Да имаат квалитетно образование, квалитетно здравство, да имаат можност да работат и да заработат, да можат да се промовираат себеси, но да имаат можност и за остварување на останатите културни и културолошки потреби. На тоа треба да се делува“ изјави Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Вицепремиерот Битиќи уверува дека проекциите и пресметките на статистичарите веќе се земени предвид и се главна водилка за креирање на идните мерки.

Образованието треба да биде во фокус – ваков е ставот на креаторите на политики.

„Тие веќе се земени предвид. Демографските проекции се составен дел од Националната развојна стратегија која исто така за првпат се случува во нашата земја после речиси 25 години и тоа на еден доста инклузивен начин. затоа сметам дека фактот што се вклучени во една таква долгорочна стратегија ќе изискува да има конкретни и непосредни мерки. На пример, во Националната развојна стратегија зборуваме за квалитетно образование во наредните 20 години, коешто значи можност за секој еден којшто живее во државата, а вклучително и младите“ смета вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Никој не може да ги спречи миграциите, ниту да ги тера луѓето да прават било што – важно е да се создадат услови за тие да сакаат да останат, смета претставничката на Фондот за население на Обединетите нации.

За дел од експертите – потребна е проактивност од страна на институциите. Ефикасните мерки за подобрување на демографската иднина да се надоградуваат, а бесполезните да бидат исфрлени.

„Ние не можеме да ги застанеме луѓето и тие да не излегуваат надвор од државата. Не можеме ниту да ги тераме тие повеќе да раѓаат. Меѓутоа треба да овозможиме услови тоа да сакаат да го направат самите“ е ставот на Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на Фондот за население на ОН во РСМ.

 

„Сега имаме проекции на населението и тие мерки што ќе се преземат, ќе може да се споредуваат и да се види дали даваат резултат или не. А, секако дека паметно би било и да се прави ревизија на овие проекции. Да речеме – по следниот попис да се направи ревизија на нови проекции, па во нив повторно да ги има наредните педесет години. А, исто така и политиките – тоа што е успешно и што дава резултат да се остави, а тоа што не е да се корегира“ вели д-р Драган Тевдовски, универзитетски професор.

По 1998 година, ова е вторпат како Статистика прави вакви проекции. Овие пресметки се прават по Пописот од 2021 година – пребројување кое се изврши по две децении.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски предлага тет-а-тет средба со Путин за завршување на војната во Украина

Дејан Дејан

Мерц и Макрон со нон-пејпер за Западен Балкан

Tea Dimkovska

Мехмети: Граѓаните очекуваат политики, а не отворање базени

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе