Барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски тргна кон Турција. Преку МНР ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти. Oригинал документот е испратен по брза пошта до Министерството за правда на Турција и во скенирана верзија е пратена и до Интерпол, откако денеска експресно биле преведени сите документи на турски јазик. Министерот Лога се надева дека во најкус можен рок ќе пристигне позитивен одговор дека Палевски ќе биде испорачан. Министерот најави дека ќе контактира и со неговиот турски колега.
„Верувам дека после добивање на нашето барање ќе контактираме и директно со министерот за правда од Република Турција. Турција е стратешки партнер на Македонија за многу други побитни прашања од ова, јас верувам дека за релативно кратко време ние ќе добиеме позитивен одговор и осомничениот ќе биде меѓу нас“, порача министерот за правда, Кренар Лога.
Постапката не може да биде толку брза колку што очекува домашната јавност смета професорот по кривично право Гордан Калајџиев, кој објасни дека екстрадицијата е регулирана со повеќе прописи – со билатералниот меѓународен договор, со конвенцијата за екстрадиција, но и со домашното законодавство, чија процедура е покомплицирана и во неколку нивоа. Екстрадицискиот притвор го бара обвинител, а го одлучува основен суд на чија одлука Палевски има право на жалба.
Како можни препреки во постапката, Калајџиев ги лоцира несмасните изјави на политичарите и хајката во јавноста. Тоа може да биде искористено како аргумент дека е однапред осуден и нема услови за фер судење.
Палевски беше уапсен во турскиот град Баликесир во вторникот попладне.
Елена Ивановска Мукоска
