Вести Култура

Почина Мето Јовановски, бард на македонскиот театар

На 77-годишна возраст почина бардот на македонскиот театар, Мето Јовановски. Неговата успешна кариера започна 1971 година во Драмскиот театар, каде се вработи по завршувањето на Академијата за театар и филм во Софија.

Јовановски ќе остане запаметен по особената боја на гласот и по силната и сугестивна актерска игра, со која владееше на сцената и ја заведуваше публиката. Одигра повеќе од 100 улоги во театар, на филм и на телевизија. Работеше во Македонија, а последниве децении поинтензивно во регионот, па стана и почесен член на Народниот театар од Црна Гора. Гостувајќи во емисијата „КОД“, во 2019 година, Јовановски се присети на условите во затворот Идризово, кога го снимале филмот „Тетовирање“, каде ја толкуваше главната улога.

„Во тој период некои сцени кои ги снимавме во овие простории овде беа како од времето на Отоманската империја. Со некоја иконографија од соцреалистичкиот период. И нормално дека ние сите лично посакуваме да имаме убави домови, куќи, да имаме убави коли, патишта, театри, институции и т.н. Но, редно е да се направи, ако сакаме да бидеме дел од таа европска заедница, еден цивилизациски исчекор затоа што сепак во овие простории живеат луѓе. И ова е сосема нешто друго од она во што снимавме во тој период“, изјави Мето Јовановски.

Мето Јовановски беше дел од генерацијата актери кои ги постигнаа најголемите успеси на Драмски театар. А, преку учеството во филмските проекти, се вгради во развојот на македонската кинематографија, како и во регионалната. Како педагог, актерскиот занает го пренесуваше на младите генерации. А, за својата работа доби многу уметнички и општествени награди, од кои дел за улогите во претставите „Еригон“, „Карамазови“, „Коза , или која е Силвија“ и за последната „Моето име е Горан Стефановски“, одиграна на матичната сцена. Датумот и местото на погребот и на комеморацијата по повод смртта на Мето Јовановски, дополнително ќе бидат објавени.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поништен е тендерот за прскање против комарци во Скопје, прескокнат е терминот за прскање за ларви, а комарците веќе се намножија

Дејан Дејан

Неоправдано и без основа е зголемувањето на цените на автомобилското осигурување, одлучи АСО

Дејан Дејан

Директорката на Токсикологија со преведувачка пред инспектори, се уште доаѓаат на работа и лекуваат и оние 11 кои не се вработени

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе