Тим од јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, соопштија од обвинителството. Додаваат дека се анализира доказниот материјал и документацијата која беше одземена од клиниката, а во исто време се врши и проверка на лекувањето на 40-на пациенти.
Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите. Надлежните јавни обвинители извршија распит на повеќемина вработени на Клиниката за онкологија, како и на двајца експерти. Дополнително, во тек се распити и на 20-тина пациенти кои до овој момент доброволно се јавија на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да и помогнат на истрагата со свои сознанија, се вели во соопштението на јавното обвинителство.
Во насока на целосно расчистување на настанот, Основното јавно обвинителство Скопје постапува во координација со Министерството за внатрешни работи, кое по наредба на јавниот обвинител врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации.
Единицата за финансиски истраги при МВР е задолжена да изврши финансиска истрага, а определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката, се вели во соопштението.
Во дејствијата кои се преземаат во однос на наодите од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, јавното обвинителство ќе ги вклучи и ревизорите кои го изготвувале извештајот и ги констатирале состојбите.
Дополнително, ОЈО ќе побара и податоци од Косово и Албанија од нивни граѓани кои се лекувале на клиниката во Скопје, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји.
Неформалната група пациенти од Клиниката за онкологија вчера до Основното јавно обвинителство Скопје достави список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката. Во текот на денешниот ден, јавните обвинители ќе ги контактираат тие лица за да ги повикаат во Обвинителството да потпишат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите.
Основното јавно обвинителство Скопје и сите вклучени институции посветено и транспарентно пристапуваат на истражувањето на овој настан, а за сите резултати од постапката јавноста ќе биде веднаш информирана.
