Вести Најважни Свет

Ја претепал па ја убил сопругата, а потоа уште две лица, ранил тројца и за сето тоа се фалел на Инстаграм

Тројца убиени и тројца ранети во крвав поход на лице со дебело криминално досие, а сето тоа пренесувано во живо преку Инстаграм.

Невзета Хечимовиќ, Ондер Џенгиз и Денис Џенгис се убиени, а Хусеин Коториќ, Недим Памуковиќ и Хариса Џенгиз се ранети со истрели на пиштол откако денес во претпладневните часови во нив пукал Нермин Сулејмановиќ, во Градачац во Босна и Херцеговина, по што убиецот си пресудил пред да го уапси полицијата на БИХ.

Крвавиот пир на Сулејмановиќ почнал најпрвин рано утринава кога тој брутално ја претепал сопругата, а потоа со истрели од пиштол ѝ пукал во глава. Ова го направил додека нивната ќерка лежела во локва крв и сето тоа го снимил на Инстаграм.

Потоа, убиецот заминал со својот автомобил, но не застанува само на едно убиство, туку пукал и убил уште две лица. Неофицијално ги убил и таткото и синот што ги запознал откако ја застрелал сопругата.

За време на убиствената кампања, Сулејмановиќ на двапати во живо се вклучува на социјалната мрежа Инстаграм, а објавува и фотографии на кои зборува за мотивите на својот поход додека во окрвавените  раце држи пиштол.

Суровиот убиец од Градачац одамна им бил познат на органите на прогонот. Бил апсен и осудуван за насилство и за трговија со дрога, а многу од неговите криминални дела застареле пред да го стигне правдата. Бил повеќепати пријавуван и за семејно насилство од својата сопруга, но тие пријави таа од страв секогаш потоа ги повлекувала. Последната пријава, неофицијално, малтретираната  сопруга ја поднела само три дена пред да биде брутално убиена.

Портпаролот на јавното обвинителство на тузланскиот кантон потврди дека еден од ранетите бил полицаец.

„Се работи за лице кое повеќепати било осудувано за различни кривични дела, меѓу другото пред 15 години бил осуден и за кривично дело обид за убиство, имал неколку пресуди за насилничко однесување и загрозување на безбедноста, имал пријави и за семејно насилство меѓутоа мораме да кажеме деке секогаш се користела можноста што ја давал законот, односно се откажувало од сведочење за семејно насилство“, изјави портпаролот на ЈО.

Тој, истовремено, непречено имал и кариера на јавна личност, како бодибилдинг и фитнес тренер, појавувајќи се во медиумите и на социјалните мрежи. Минатото лето го освоил првото место на меѓународен бодибилдинг натпревар во Прага.

Југослава Дуковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Полицијата влезе во кампусот на „УКЛА“: Пропалестинските демонстранти остануваат и покрај наредбите да си заминат

Дејан Дејан

Полицијата застрела вооружен средношколец во Висконсин

Дејан Дејан

ЈСП за велигденските празници ќе сообраќа по неделен возен ред

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе