Вести Македонија Најважни

Ги врзувала децата со самолеплива лента за столчиња и креветчиња – тортура на гостиварка врз нејзините малолетни деца

Со самолеплива лента на рацете, колената и стапалата ги врзувала за столица и за креветчињата во кои спиеле. Триесет и четиригодишна мајка, како во тежок психолошки трилер, се изживувала врз своите малолетни деца, на возраст од четири и шест години. И онлајн разговорите со вонбрачниот партнер, завршувале со терор. Без никаква причина, агресивно и неконтролирано ги удирала по кревките детски тела.

„На 7 мај, при вршење семејно насилство, обвинетата телесно ги повредила своите деца. Додека остварувала видео повик на социјална мрежа со нејзиниот вонбрачен пратнер, видно вознемирена, започнала без никаков повод и причина да ги удира децата по нивните тела, со што им нанела телесни повреди – набиеници и подливи“, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство.

Освен што трепеле физичко насилство, децата биле и под постојан психолошки терор. Монструозната мајка била особено агресивна со помалото дете, кое и физички и емоционално, значително заостанувало зад неговите врсници.

„Со помалото дете комуницирала манифестирајќи вербална и физичка агресивност и не покажувала грижа за подобрување на неговата состојба, иако вештачењата извршени по наредба на јавниот обвинител утврдија дека станува збор за социјално и емоционално запуштено дете со психомоторната и психосоцијалната зрелост под неговата реална возраст“, додаваат од обвинителството. 

Гостиварката со живелиште во Скопје, ќе одговара за телесни повреди, запуштање и малтретирање на дете. Надлежниот јавен обвинител од Основниот кривичен суд Скопје бара продолжување на мерката притвор.

Ова е само еден во низата потресни случаи во кои жртви се најмладите. Пред неколку месеци, 16-месечно бебе од Струга заврши со тешка повреда на главата и со скршеници на градите и на едната рака, откако врз него паднало парче мебел. Случајот доби нова димензија, кога лекарите открија и постари хематоми.

Неодамна кривична заработи и 22-годишна мајка од Кочани. Го оставала своето малолетно дете дома без никаков надзор и грижа. Повеќепати било затекнато и само на улица, без соодветна облека.

Весна Јовановска Дојчиновска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Телма интервју со Мартин Јошески од АХВ – На кое ниво е координацијата меѓу институциите задолжени за заштита на јавното здравје

Дејан Дејан

Белата пена во водите на Вардар исчезна – но причинителот остана непознат

Дејан Дејан

Бројот на новозаболени со стомачни тегоби во Гостивар се намалува, но техничка вода во чешмите се уште нема

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе