Вести Македонија Најважни

Ќе разговара само за избори – ВМРО-ДПМНЕ ги повлекува сите понуди за консензус за уставните измени

ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повлече сите понуди за постигнуавње на консензус со власта околу уставните измени. СДСМ, пак, најави дека во идните две недели уставните амандмани, конечно, ќе бидат разгледани од страна на владата, јавно објавени и доставени до Собранието, по што ќе започне и собраниската процедура за нив.

Ова се пораките кои ги испрати денеска врвот на ВМРО-ДППМНЕ од Штип и Централниот одбор на СДСМ од Скопје, покажувајќи уште еднаш дека и двете страни остануваат длабоко во своите ровови по прашањето на уставните измени.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, освен што најави повлекување на сите понуди од страна на опозицијата околу уставните измени, најави дека единственото што останува на маса се предвремени избори. Според него, по една година драмата околу уставните измени, во која власта не успеала да го реализира тоа што го најавувала и не прифатила, ниту една понуда од опозицијата, тој повеќе нема да зборува ништо што е поврзано со уставните измени, туку само за брзи предвремени избори оваа есен.

„Имаа многу можности за национален консензус и да излезме од оваа сотојба во којашто се наоѓаме. После една година можам да им кажам и на Ковачевски, Османи, Маричиќ и останатите – повеќе нема ништо на маса. Има само една работа, а тоа е да седнеме и да се договориме околу изборите. Кога ќе бидат изборите, како ќе бидат изборите, на кој начин со техничка Влада, немање техничка Влада или се она кое што е поврзано со изборите“, кажа Мицкоски.

Мицкоски со повлекувањето на сите понуди од ВМРО-ДПМНЕ до власта околу уставните измени рече дека се прекинува и целата официјална комуникација со неа.

„Комуникација со власта немаме. Оваа недела имавме седница на Извршниот комитет на партијата и донесовме едногласна одлука дека како ВМРО-ДПМНЕ ги прекинуваме сите комуникации, официјални, на билатерално ниво со претставници од владата“, изјави Мицкоски.

СДСМ, пак, денеска конкретно не се произнесе за ваквиот потег на опозицијата со која пред точно еден месец одржа лидерска средба во четири очи, на која ВМРО-ДПМНЕ излезе со конкретни барања во замена за своето „да“ за уставни измени. Владеачката партија денеска одржа Централен одбор по кој во соопштението од четири точки уставните измени се споменуваат во контекст на обврска на секоја политичка партија за европската интеграција на земјава, но нема дали се разговарали и за потегот на опозицијата да се повлече од разговорите за уставните измени.

„Европската интеграција на земјата треба да биде обврска на секоја политичка партија. Затоа сите релевантни парламентарни партии и сите пратеници коишто иднината на земјата ја гледаат како полноправна земја членка на ЕУ треба да ги поддржат уставните измени. Во наредните две недели, амандманите на Уставот ќе бидат разгледани од страна на Владата и јавно објавени. Потоа што ќе бидат доставени до Собранието по што ќе следи и процес на дискусија согласно собраниската процедура“, наведуваат од СДСМ.

За тврдењата пак на власта дека поедини пратеници од ВМРО-ДПМНЕ можат да изненадат и да гласаат за уставните амандмани, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска со став дека пратеничката група на опозицијата е обединета.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е кохезивна. Нема промена на ставот и остануваме на тоа дека нема промена на Устав од бугарски дикатат и под овие услови кои што се нудат“, изјави Мицевски.

Мицевски денеска отфрли секаква можност за изнанедувања од страна на пратениците од опозицијата по прашањето за гласање за уставните амандмани.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе