Конзервативната „Нова демократија“ убедливо победи на вчерашните парламентарни избори во Грција, покажуваат првичните официјални резултати, со што гласачите му дадоа уште еден мандат на премиерот Кирјакос Мицотакис. Се очекува „Нова демократија“ да има 158 пратенички места во 300-члениот грчки парламент. По вчерашната убедлива победа, Мицотакис денеска ќе положи свечена заклетва и повторно ќе ја преземе премиерската функција.
Според преброените 99 отсто од гласовите, централно-десничарската „Нова демократија“ на Мицотакис освои над 40 проценти, а главниот ривал, крајно левичарската СИРИЗА претрпе голем пораз, освојувајќи само нешто над 18 отсто, што е уште помалку од изборите во мај, кога освои 20 проценти.
Севкупно, осум партии го минаа изборниот праг од 3 отсто за влез во Парламентот. На трето место е ПАСОК со 32 пратенички места, а Комунистичка партија има 20 пратеници. Дел од парламентот, со 13 пратеници, ќе биде и досега непознатата десничарска партија Спартанци.
„Грчко решение“ има еден пратеник помалку, а „Победа“ добива 10 пратеници. Во своето прво обраќање по затворањерто на избирачките кутии, Мицотакис порача дека Грција отвора ново историско поглавје.
