Многу кривични пријави за Рамиз Мерко низ годините, но ниту една не стасала до пресуда. Сите, освен една, застанале во обвинителството, каде предметите биле затворани. Обвинителите не гледале одговорност и можност за кривично гонење на четирикратниот струшки градоначалник кого САД го прогласија за непожелна личност поради вмешаност во значителна корупција. Во моментот има шест активни предмети за Мерко во обвинителството и сите се во фаза на предистрага. Дури и тој што датира од 2015-та. Управата за финансиска полиција (УФП) поднела кривична пријава за злоупотреба на службената положба, но предметот заглавил во Бирото за судски вештачења, каде од 2018 директор е Владет Џафери, кадар на ДУИ.
„По доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година“, велат од Јавно обвинителство.
Извори на Телма тврдат дека УФП поднела пријава за злоупотреби поврзани со тендерот за уличното осветлување во Струга и штета на општинската каса.
Само од почетокот на годината против Мерко има три новоотворени предмети во обвинителството. Еден е по пријава од невладините, поврзана со убиствата на кучињата во Струга. Другите две кривични за злоупотреба на службената положба се за назначување на директори на локални претпријатија. Од лани во обвинителстото за организиран криминал има и предмет инициран од група адвокати во врска со злоупотреби со јавна набавка за адвокатски услуги. Од 2019 година сè уште во предистрага е предмет против него и за експропријација на земјиште.
Колку предмети застанале на рампата во обвинителството од таму сè уште пребројуваат и најавија податоци во наредните денпви. Меѓу пријавите кои згаснале во обвинителството е и онаа на Антикорупциска за злоупотреба со набавката на службени возила за Општина Струга, меѓу кои и луксузното ауди А6 за градоначалникот. Од ДКСК најавија дека утре на прес-конференција ќе објават се што имаат за овој случај. Потсетија на истражувањето на ОБСЕ за ризици од корупција во правосудството.
„Ова не е воопшто изненадување, но е изненадување тоа што повторно нашите институции сега се разбрануваат откако некој однадвор ќе укаже за одредени состојби што ние веќе сме ги констатирале. Наводите што ги најдовме беа поткрепени со извештаи од Државниот завод за ревизија, меѓутоа ништо не беше преземено“, вели Владимир Георгиев, член на ДКСК.
Еден обвинител поднел обвинителен предлог за Мерко, но потоа го повлекол. Зошто се откажал од гонење на најмоќниот човек во Струга нема образложение.
Зошто обвинителстото со години не нашло докази за криминал против струшкиот градоначалник, а САД видоа и значителна корупција е клучната дилема во јавноста деновиве. Од обвинителството со став дека ќе ги земат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание на Мерко врз постапките.
„Од тие причини, обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопштија од обвинителство.
И додека обвинителството најавува нов поглед на старите затворени предмети САД се децидни дека одлуката да го стават на црна листа е базирана на цврсти докази за корупција. Во писмена одговор за Телма, амбасадорката на САД, Анџела Агелер порача „ќе продолжиме тесно да соработуваме со оние кои бараат да се стави крај на корупцијата во Северна Македонија“.
„Ме охрабрија силните позитивни јавни одговори што ги слушнав за назначувањето на г-дин Мерко. Законот на САД бара од државниот секретар да именува поединци за кои имаме веродостојни докази за корупција и јавно да ги именува лошите актери – преку укинување на правото за влез во САД со ова означување, што е начин да покажеме дека ја поддржуваме борбата на Северна Македонија против оваа болест на нечесноста. Сега останува на вашите институции да одлучат дали сакаат да дејствуваат или да истражат. Се надеваме дека ова праќа порака до оние кои ги користат функциите за кои се избрани од граѓаните за да им служат, дека ќе одговараат и дека не се добредојдени во САД“, вели Анџела Агелер, амбасадорка на САД.
И други познати македнски државјани ќе се најдат на црната листа. Агелер потврди дека Вашингтон разгледува и други имиња.
Елена Ивановска Мукоска
