Вести Македонија Најважни

Завршена потрагата во Лепенец, тројца од семејството Пацоли најдени мртви во автомобилот – продолжува истрагата за возачот со кој имале сообраќајка

По цел ден потрага, црното БМВ беше пронајдено на неполни 100 метри низводно од местото каде излетало. Нуркачите од полициската специјална „Тигар“ ги открија околу 17:30 часот, по повеќе од 24 часа потрага. Откако се обезбеди пристап за противпожарното возило, со сајла и пополека се извлекуваше автомобилот.

За половина час беше извлечен автомобилот, а од МВР пристигна потврда дека трите членови на семејството Пацоли од Косово се најдени починати. Шеесет годишниот татко, неговата 48-годишна сопруга и малолетниот 16-годишен син загинаа, откако вчера нивното возило падна во Лепенец по судар со скопски автомобил. Во БМВ-то бил и постариот 21-годишен син кој успеал да се спаси. Косовското семејство возело во колона автомобили, но имале судар со „Фолксваген туран“ со скопски таблички, кој според обвинителството ја претекнувал целата колона.

„Во моментот кога (скопскиот туран) стигнал паралелно до автомобил БМВ со косовски регистарски таблички, кој се движел во истата колона, двете возила се доближиле и странично се удриле, по што косовскиот автомобил со четворица патници излетал од патот и се превртел во реката Лепенец“, велат од Обвинителство. 

Се испитуваат причините за сударот, а веднаш по несреќата сите возачи застанале да пружаат помош, иако косовскиот автомобил многу брзо бил прекриен со вода и однесен.

„Неколку минути по несреќата стигнав до местото. Имаше расфрлани остатоци од автомобил. На патот го видов туранот. Долу од реката се слушаа врисоци, но не се гледаше автомобил. Се обидуваа да помогнат луѓе. Многу брзо стигнаа службите од Скопје. Но, колата во реката не се гледаше“, изјави Наман Ахмети, такси возач од Косово. 

Постариот, 21-годишен син Шкелзим Пацоли успеал, најверојатно преку прозорец, да излезе од колата и да стигне до брегот. Префрлен е во градската болница „8 Септември“. Од болницата велат дека имал полесни повреди, но бил во шок, а останува на опсервација. Но, родителите и помалиот 16-годишен син од семејството Пацоли исчезнале во Лепенец. Шеесет и четиригодишниот возач од Скопје е задржан во рамки на истрагата.

Несреќата се случила пред тунелот, а иако пред кобното место има нова банкина, токму на локацијата најблиска до Лепенец нема никаква заштита. Покрај тоа, пред тунелот кој се реновира има семафор за регулирање на сообраќајот што често предизвикува колони возила на фреквентниот пат кон Косово. Но, според директорот на ДЗС, Максути нема оправдување за неприлагоден начин на возење.

Полицијата и обвинителството соопштија дека продолжуваат со истрагата за да се утврди одговорноста за големата трагедија.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Невреме во Струга

Дејан Дејан

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе