Вести Македонија Најважни

По тринеделна голгота на роднините, погребано е телото на 19-годишниот Мемет Камбер

Три недели, безброј апели и една трагична судбина. Телото на 19-годишното момче Мемет Камбер денеска, конечно, е погребано на достоинствен начин. Невидлив за системот, без име и презиме во капела – неговото семејство точно 22 дена чекаше да бидат исполнети минималните услови за погреб. Од невладината „Ромалитико“ известија дека од причини што телото на момчето е предадено на роднините, најавениот протест пред Собранието се откажува, но итните барања остануваат – пратениците на Собранието да ги разгледаат законските измени и дополнувања во Законот за матична евиденција. Љатифе Шиковска која од невладиниот сектор сега е гласот на Ромите во Собранието, уверува дека пратениците ја научиле лекцијата.

„Понекогаш процедурите, а особено оние административните се долги и тешки за чекање, меѓутоа кога се однесува на починато момче тогаш тие процедури треба да бидат скратени. Не смееме повторно да дозволиме да ни се случуваат случаи како оној на Тони и сега на Мемет. Едноставно, да заврши оваа приказна на лицата коишто долги години мака мачат да добијат извод на родени, да добијат македонска лична карта како и секој друг граѓанин“, изјави пратеничката Љатифе Шиковска. 

Телма вчера информираше дека ДНК-анализата е завршена, резултатите се ставени на хартија и испратени во институциите. Се разоткри мистеријата – кој е и што е, во случајот со Мемет Камбер. Биолошката мајка го има родено Мемет Камбер на 14-годишна возраст, но ја земала книшката на својата золва и тоа име е заведено во Управата за водење на матичните книги. Во јавноста се отворија прашањата за прикривање на идентитетот на Камбер и давање лажни информации на службата. Министерот за внатрешни работи, Спасовски, даде свој став за понатамошните процедури.

„Водењето на истрагата е во рамките на Јавното обвинителство, а полициските службеници односно припадниците на Министерството за внатрешни работи ги преземаат сите активности за да ги утврдат фактите и да се поднесе кривична пријава. Така што, за сите сторени кривични дела за коишто има сомнеж дека се направени се работи во Обвинителството и секако дека ќе се поднесе кривичната пријава“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

На 24 мај, Мемет Камбер побарал лекарска помош на КАРИЛ, откако ненадејно му се слошило. Во болка и во лоша состојба морал да се снаоѓа со туѓа здравствена книшка, бидејќи бирократијата во државата му оспорила да има таков документ за да може да се лекува. Веднаш по смртта, КАРИЛ го има предадено телото во Бутел, со НН-податоци како лице коешто не е познато.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 05.05.2024

Дејан Дејан

Им дал 25.000 евра, но наместо торба полна со денари, му дале торба со ливчиња – скопјанец наседнал на измама од двајца странски државјани

Дејан Дејан

(Видео) Повредени 155 полицајци, уапсени 74 навивачи – хаос во Берлин на меч од четврта фудбалска лига

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе