Вести Македонија Најважни

Пиеле кафе, помуабетиле, но ниту збор не паднал за понудата за Национален советник за кардиохирургија – тврди Меџити за средбата со д-р Јовев

Јавноста сѐ уште го критикува, лекарите застануваат во одбрана на д-р Јовев, а министерот не попушта. Ниту една критика не е доволно гласна за да го премисли Меџити да ја преиспита одлуката за смена на првиот човек на Државна кардиохирургија.

Сагата трае неколку дена, а засега само едно е јасно – кардиохирургот Јовев нема да остане директор на Клиниката.

Министерот денес се сретнал со Јовев. Испиле кафе, разговарале, но неофицијално и како двајца другари – ова го тврдеше Фатмир Меџити пред камерите.

„Еве ќе споделам со вас дека за првпат денес утринското кафе го испивме со почитуваниот професор Јовев. Професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар во таа клиника заедно со целиот стручен тим таму и со сите други колеги кардиохирурзи, ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата и ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор за сите работи и дејности коишто ќе ги врши во клиниката. Но, не велам дека како директор“, рече меџити.

Во овој момент нема директор на Кардиохирургија и Меџити вели дека ќе видат што понатаму. Министерот тврди дека иако пиеле кафе утринава, тие не разговарале за понудата за Национален советник за кардиохирургија.

За ова се обидовме да добиеме став и лично од професорот Јовев. Тој потврди дека тоа не било тема на разговор.

Вчера со став за случајот се јавија и од Македонското лекарско друштво. Застанаа во одбрана на Јовев и побараа ревидирање на одлуката за смена. Министерот денес само кратко одговори.

„Кога министерот донесува одлука, таа не се преиспитува. И ова веќе го одговорив. Мислам дека истото веќе е апсолвирано прашање, да не ги повторувам истите зборови“, рече меџити.

Претходниот министер за здравство Беким Сали од редовите на Алтернатива, на социјалните мрежи го критикуваше разрешувањето на директорот на Кардиохирургија.

Го нарече „пишманаџија“ Меџити, заради тоа што прво го разрешува од позицијата директор, а потоа му нуди советничка функција за доброто на македонското здравство.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Ганц му постави ултиматум на Нетанјаху, илјадници Израелци на антивладини протести во Тел Авив

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе