Вести Македонија Најважни

Кардиохирургот Јовев вели дека трпел неиздржливи притосоци, здравствените власти останаа на ставот за пропусти во неговата работа

Со овации, извикувања на неговото име и топли поздрави – пред Клиниката за кардиохирургија беше пречекан професорот Сашко Јовев. Поддржан од колегите и од пациенти и придружуван од адвокат, доктор Јовев застана во своја одбрана. Министерот за здравство го обвини дека седи и спие наместо да работи. Повикувајќи се на утврдени нерегуларности, Меџити веќе го разреши првиот човек на Државна кардиохирургија, а Јовев возвраќа – притисоците се неиздржливи.

„Ова зад мене е мојот тим којшто прави чуда, којшто работи 24/7 и не спие на чело со мене. Овде се и некои од нашите пациенти на коишто им се направени многу големи операции. И многу други се јавија – пациенти, колеги, пензионирани доктори. Околу 1.300 сакаа да дојдат, но ние им рековме да не доаѓаат. Јас сметам дека не сум жртва на политички реваншизам, но ова веќе преоѓа и може да премине во такво нешто. Зошто?! – Иницијалната каписла воопшто не е политика. Иницијалната каписла може да е некоја суета или некое недоразбирање. Апсолутно“, вели кардиохирургот Јовев. 

„Во решението стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. Замислете доаѓа некој со итна потреба на клиниката и портирот да му рече „извинете немаме согласност од министерот, дојдете утре“, рече неговиот правен застапник Мите Михајловски. 

Пациентите не се засегнати од административните процедури и бирократските пропусти – ако воопшто ги има. Го бранат доктор Јовев, како исклучителен професионалец. Девет трансплантации за две и пол години и безброј операции. Статистиките говорат сами, вели човекот на кој му беше извршена првата трансплантација на срце во земјава, Иван Огненовски и други пациенти.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити и денеска е на ставот дека го менува доктор Јовев заради констатирани неправилности. Два дена не посочува детали за што точно станува збор. Одлуката ја базира на извршени инспекции на Клиниката.

„Тука е Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Таму има професионалци инспектори. И кога треба, односно кога имаме некакви индиции дека кај одредена клиника има пропусти, но и без разлика на тоа, јас сум кажал дека нема да има здравствени институции каде што нема да има контроли“, изјави министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Со ова, се отвора прашањето – како се вршат контролите, по кој основ и кое тело го прави надзорот. Директорката на ДСЗИ вели дека не примила никаква претставка од физичко или правно лице, за Клиниката за кардиохирургија.

„До ДСЗИ не е доставен налог од министерот за здравство, за вршење на вонреден инспекциски надзор на Државната кардиохирургија. Според тоа, нема извештај од страна на ДСЗИ“, велат од  Државен санитарен и здравствен инспекторат.

Доктор Јовев ја повика Владата и министерот за здравство да се преиспита одлуката за негово разрешување. Адвокатот најави дека ќе следува тужба. А, точните причини за неговата смена, засега ги има само министерот Меџити.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран и Ирак потпишаа договори за соработка во областа на транспортот, финансиите и енергетиката

Дејан Дејан

Бела куќа: Саудискиот нуклеарен договор бара нормализација на односите со Израел според Абрахамскиот договор

Дејан Дејан

(Видео) Два ер трактори и два пинцгауери го гаснат пожарот кај Копаница

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе