Паднаа оставки во Судскиот совет. Врховната судијка Мирјана Радевска Стефкова и апелациониот судија Зоран Герасимовски не сакаат повеќе да бидат дел од ова најмоќно судско тело, кое оценува бира и разрешува судии. Во разговор за Телма, судијката Радевска Стефкова не сакаше да ја коментира поднесената оставка, а судијата Герасимовски кусо ни објасни дека последните случувања влијаеле врз неговата одлука.
„Во советот нема атмосфера за работа на што сте и вие секојдневно сведоци. Атмосферата во советот меѓу одредени членови е доведена до степен на нетрпеливост и сметам дека неколку месеци наназад ние не сме продуктувни. Повеке информации ќе слушнете на наредната седница кога ќе ја образложам оставката пред членовите“, ни изјави Зоран Герасимовски, член на Судски совет во оставка.
Од Советот официјално потврдуваат, но не коментираат.
Радевска Стефкова и Герасимовски се членови на советот од септември минатата година. Тие јавно изразија несогласување со начинот на кој беше разрешена Дамева првиот пат и гласаа против изборот на Сашко Георгиев да биде избран за претседател, затоа што тој со својот глас го поддржал таквото разрешување на неговата претходничка. Сличен став на гласањето кажаа и членовите од редот на судиите Мери Радевска и Ивица Николовски.
Судски изминатиот период го тресат кавги, скандали, обвинувања. Бурата започна од седницата за разрешување на експретседателката Дамева и не стивнува. Вчера јавноста повторно имаше можност да види нова епизода од препукувањата и пресметките меѓу еден дел од членовите додека другите бараа како што рекоа циркузот да престане и да се занимаваат со сериозните обврски што ги чекаат.
Од моментот кога започна разрешувањето на Дамева до вчерашната тензична седница во фокусот или во позадината се споменува во јавноста предметот „Таргет Тврдина“ и судијата од апелација Енвер Беџети за кој судски претходно потврди дека неоправдано долго го држел девет месеци, а за кој беше иницирана и постапка за одговорност пред Советот.
Невладините и правните експерти јавно бараа оставки од членовите на Советот поради незаконито постапување и изгубениот кредибилитет и легитимитет. Последната директна порака за загриженост ја упати холандскиот амбасадор Коп кој кажа дека Советот станал нелегитимно тело. Ова за судскиот совет беше неоснована критика.
Елена Ивановска Мукоска
