Култура

Мајски оперски вечери- место каде се афирмираат трајните вредности

И покрај дождливата вечер,  отворањето на 51 „ Мајски оперски вечери“, вчера, покажа дека за поклониците на оперската уметност не постојат пречки. Пролетниот дожд ги натера организаторите на фестивалот свеченото отворање со говори и традиционално палење на фестивалскиот оган (овој пат од маестро Томислав Шопов), да го направат внатре во објектот на нашата Национална опера и балет. А, љубителите на операта во свечени вечерни тоалети и костуми на кои доминираше црната боја дојдоа уште пред официјалниот почеток во 20 часот, полека исполнувајќи го фоајето. Припадници од јавниот и културниот живот доминираа на отворањето на „ Мајските оперски вечери“, а политичари речиси и да немаше.

По поздравниот говор на директорот на НОБ, Васко Ристов и отворањето на фестивалот од страна на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, публиката се упати во салонот, за да присуствува на премиерата на операта „ Набуко“, од италијанскиот композитор Џузепе Верди“.  Токму овдека се виде дека оперската уметност во Македонија има верна публика зашто беше исполнето секое седиште, до последниот ред. И тоа не е куриозитет за годинава, туку вообичаена слика со години на назад, кога се работи за „ Мајски оперски вечери“. Особено радува што меѓу верната публика има многу млади луѓе , што значи дека фестивалот успешно регрутира гледачи за во иднина.

Инструменталот  од познатиот „ Хор на Евреите“, во воведот на изведбата на „ Набуко“, само ја навести вредната и со многу емоции зачинета музичко- сценска изведба која претстоеше, а на крајот беше наградена со громогласен аплауз од публиката која остана во салонот на НОБ повеќе од 3 часа. Заслуга за тоа има целиот уметнички ансамбал, од домашните солисти чии моќни и сугестивни гласовни можности одговорија на барањата на Верди, преку хорот, до сценското обликување на просторот и костимите. Иако дејствието во „ Набуко“ не враќа во 587 година пред новата ера во Ерусалим и Вавилон и раскажува за покорувањето и прогонството на Евреите од нивната земја, од страна на вавилонците,, тимот од Италија составен од Флавио Арбети како сценограф и Артемио Кабаси како костимограф , под режисерската палка на Ренато Бонајуто,  даде свеж печат на класичното обликување на операта „ Набуко“, која претходно на нашата оперска сцена е поставена во 2003 година. Во македонско- италијанската слика за квалитетна соработка се вклопува и несебичниот ангажман на маестро Даниеле Аџиман, кој застана зад диригентскиот пулт, пред оркестарот на НОБ.

„ Мајските оперски вечери“ годинава се посветени на 210 годишнина од раѓањето на Џузепе Верди. Затоа неговото творештво доминира во програмата на ова фестивалско издание. Покрај „ Набуко“, ќе бидат изведени оперите „ Травијата“ и „Аида“, која традиционално ги затвора „ Вечерите“. А, специјално за чествувањето на годишнината на Верди, на 26 мај ќе биде изведен неговиот „ Реквием“, со учество на оркестарот на нашата Филхармонија, хорот на НОБ, под диригентската палка на Емил Табаков од Бугарија и солисти од Македонија, Косово и Србија.

По премиерата на „ Набуко“, следна содржина на фестивалот е балетот од класичниот, „ железен“ репертоар – „ Лебедово езеро“, на музика од Петар Илич Чајковски. Ќе биде изведен на 12 мај , со учество на солисти од Италија и Унгарија. Но , за оваа изведба , како и за „ Набуко“ синоќа, билетите се одамна распродадени. Тоа го потврдува интересот на публиката за трајните вредности, што ги афирмираат „ Мајските оперски вечери“.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МНТ со праизведба на „Хенгинг Араунд“, а Драмски театар со премиера на „Хеда Габлер“

Дејан Дејан

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе