Јавниот долг годинава ќе го пробие законскиот лимит. Според, ревидираната стратегија која го помина владиниот филтер прогнозите се дека тој ќе се искачи над 61 отсто од БДП. Првиот квартал се заокружи со долг од над 10 милијарди евра или 59, 7 отсто од бруто – домашниот производ.
Економистите велат не е неочекувано, но дека е загрижувачки. Не сметаат дека тоа ќе го влоши кредитниот рејтинг на земјата, но предупредуваат – треба многу да се внимава. Две клучни прашања кои ги издвојуваат се за што точно се задолжуваме, но и по која цена. Сметаат дека позајмувањето на пари треба да се прави исклучиво за проекти во чија реализација ќе учествува локалната економија, но и да се продуктивни.
Капитални инвестиции се и возила, зборувам за патнички возила за државни и јавни институции, но тоа не е продуктивна капитална инвестиција. На пример ако инвестираме во здравство, образование, ако инвестираме во патна во железничка инфраструктура тоа се продуктивни капитални инвестиции но и да имаме предвид локалната компонента и локалната економија да биде вклучена во тоа. А не да градат странски компании, бидејќи тогаш е одлевање на дел од капиталот во странство, изјави за Телма универзитетскиот професор и претседател на Фискален совет, Абдулменаф Беџети.
Оваа и следната година доспева за плаќање поголема сума на пари само за камати – од 350 до 500 милиони евра вели Беџети. Предлага задолжувањата да бидат на странските пазари, парите да се бараат надвор, а не од домашните банки за да не се истиснат приватните инвестиции кои се многу занчајни.
Обично државата не е најдобар стопан, е полош стопанственик отколку приватниот сектор. И вие ако земате од потенцијалот за потребите на јавниот сектор на државата таа алокација на средства не е ефикасна. Но, да се има во предвид и цената на задолжување, додава Беџети
Според, документот на стратегијата за јавниот долг очекувањата се дека тој ќе расте до 2028, а потоа полека ќе се стабилизира. Во 2029 и 2030 тата година прогнозите се дека ќе падне под 60 отсто.
Но, во стратегијата стои и дека трошоците за сервисирање на државниот долг се сензитивни на движењето на каматните стапки. Доколку во 2027 дојде до скок за еден процентен поен тоа би предизвикало раст на трошите за камати за над 11 милиони евра.
Ирена Чачкова
