Култура

Македонската филхармонија в петок ќе го изведе концертот Вилает

Oркестарот на Македонска филхармонија в петок (05.мај) во 20 часот ќе го изведе концертот насловен „Вилает“. Како солист на хорна ќе настапи Боштјан Липовшек од Словенија, а со оркестарот ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се „Унгарски танц“ бр. 1,  Четвртата симфонија од Јоханес Брамс и Концертот за хорна и оркестар од Реинхолд Глиер.

Боштјан Липовшек е прва хорна во Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија. Први учители му биле неговите татко и брат. Студирал кај проф. Јоже Фалоут на Музичката академија во Љубљана, дипломирал и магистрирал. Студирал и кај Радован Влатковиќ на академијата „Моцартеум“ во Салцбург. Како солист настапувал со оркестарот на Радио Љубљана, со Словенечката филхармонија и со водечките оркестри во бивша Југославија. Како гостин- прв хорнист, настапувал во Берлинскиот симфониски оркестар, со оркестарот на Операта во Брисел, со Симфонискиот оркестар на Мелбурн, со камерниот оркестар „Малер“, со Израелската филхармонија, Шкотскиот камерен оркестар, Австралискиот камерен оркестар и др.

Добитник е на награда на интернационалниот натпревар во Порчија- Италија, и е награден со највисоката награда „Франце Прешерн“, што ја доделува Министерството за култура на Словенија. Предава на Музичката академија во Љубљана од 1998 година, и на Академијата во Загреб, од 1995 година.

Маестро Јерухам Шаровски е роден во главниот аргентински град Буенос Аирес. Рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните ’70-ти имигрирал во Израел каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од славниот маестро Зубин Мехта, за наградата „Млад артист на годината“, со што ја стекнал привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел.

По турнејата во поранешна СССР, која за него ќе биде значајна во кариерата, во 1991 година станува уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар ќе стане еден од најпопуларните симфониски ансамбли, изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004 година, маестро Шаровски ќе раководи и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Женеиро, со кој патувал на турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Тогаш Шаровски го формирал Младиот симфониски оркестар на Бразил, кој ќе стане еден од најпознатите ансамбли во земјата. Со БСО бил на турнеја во САД, кога во Централ парк во Њујорк, како и во Линколн центарот, одржал концерти пред 50-илјадна публика, кои биле високо оценети од публиката и критиката.

За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 земји. Во серијата концерти со Лорин Мазел, диригирал со Минхенската филхармонија во Германија, со Симфонискиот оркестар на Ерусалим и со Баварскиот радиооркестар.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Бојаџиевска: Дубравка Угрешиќ не можеше да ја поднесе бруталната комерцијализација на уметноста

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе