Култура

В недела уживање во звуците на џез музиката

Здружението на џез музичари на Македонија в недела – 30. април организира целодневен џез хепенинг „ Today it’s all about jazz“, во паркот „ Ибни Пајко“ , по повод прославата на Светскиот ден на џез музиката. Како што кажаа организаторите на денешниот прес, програмата ќе започне во 13 часот со работилница на која деца од 4 до 11 години ќе учат за џез музиката од пијанистот и композитор Гордан Спасовски. Тој ќе ги запознае со инструментите и со начинот како се создава џез композиција, која ќе биде изведена пред публиката. Потоа  ќе настапи младинскиот џез состав , во кој членуваат Петар Марков на гитара, Давид Ѓоргиев на тапани и Симеон Будро на бас.

Официјално, програмата за возрасната публика започнува во 15 часот и ќе трае до полноќ, а вклучува домашни и странски изведувачи. Ќе настапат : Филип Динев Три со Тилман Обербек на контрабас и Јан Цајмец на тапани и перкусии, новиот скопски квартет Акварела, квартетот на Никола Бочваров кој ќе го изведе новиот албум „ Гласна тишина“, триото на словенечкиот џез музичар Јуре Пукл со мултиинструменталистот Марко Црнчец  и Крис Смит, нигерискиот пејач, гитарист и композитор  Адедеџи, во придружба на македонски музичари и Биг Бенд Оркестарот на Здружението на џез музичари на Македонија. Тие ќе се претстават со нови аранжмани на нумерите од Френк Запа.

  • Да се свири Френк Запа е најадекватно во овој миг и ќе биде фантастично доживување за публиката, рече претседателот на ЗЏМ, Гоце Стевковски.

Определбата за годинашната програма за џез хепенингот , е да бидат застапени што е можно повеќе македонски музичари кои се активни и работат на нивен музички материјал, или свират надвор од Македонија, а било посветено сериозно внимание на квалитетот на изведувачите, иако дел од нив не ѝ се познати на јавноста, кажа Стевковски.

  • Оваа година имаме сериозна редица музичари, така што тие граѓани што ќе не посетат и ќе бидат присутни ќе имаат шанса да уживаат во овој избор што го направивме за ова седмо издание, рече Стевковски.

Според музичарот и композитор Џијан Емин,  на музичарот Адедеџи од Лагос- Нигерија му бил инспирација неговиот сонародник Феми Кути. Дел од Биг Бендот на ЗЏМ работел еден проект со Кути и со нашата Филхармонија во 2018 година и соработката им останала во убаво сеќавање , а  доминирал афро битот.

— Но, кај Адедеџи тоа е малку проширено со џез, фанк и со текстови кои зборуваат за потребата за правда, која што овие денови е повеќе од  неопходна за сите нас, кажа Емин.

Соработката на ЗЏМ со Адедеџи е резултат на учеството на нашите џезери на Конференцијата во Софија минатата година, како членка на Европската џез мрежа.

Меѓународниот ден на џезот е прогласен 2011 година од УНЕСКО, со цел истакнување на џез музиката и нејзината дипломатска улога за обединување на луѓето во сите делови на светот. Идејата за востановување на 30. април за Светски ден на џезот потекнува од џез- пијанистот и амбасадор на добра воља на УНЕСКО, Херби Хенкок.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиства и братоубиства како огледало на човечката несреќа и фракционерство

Igor Trajkov

Со наградите за животно дело – започна 60-тото издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Дејан Дејан

Започнува 60. Јубилеен МТФ „ Војдан Чернодрински“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе