Култура

Холивудскиот актер Џек Димиќ гостува во Драмски театар

Американскиот актер со српско потекло Џек Димиќ со монодрамата „Ој, животе“ ќе настапи на 5 мај во Драмски театар – Скопје.

Монодрамата е работена по текст на Јосип Пејаковиќ, а Димиќ со години со успех ја игра. Станува збор за силна трагикомична драмска приказна која изобилува со црн хумор. Џек Димиќ ја адаптирал, режирал и го толкува ликот кој на босански јазик на емотивен и духовит начин ја раскажува неговата вистина.

  • Монодрамата „Ој, животе“ е приказна за човек кој доброволно оди на издржување на затворската казна наместо неговиот помлад брат кој е сторител на убиство со умисла. Протагонистот на оваа монодрама на извонреден комедиографски начин ја раскажува својата мака и многу емотивно одново ги преживува сите случки низ кои поминал за време на издржувањето на казната, стои во соопштението од Драмски театар.

Џек Димиќ е еден од најпознатите актери од регионот покрај Раде Шербеџија и Горан Вишњиќ кој постојано има ангажмани во холивудските серии и филмови. Димиќ остварил над 85 филмски, телевизиски и театарски улоги. Освен на англиски јазик, тој игра улоги на српски, руски, чешки и италијански јазик. Во Холивуд играл во популарните ТВ серии „Ред и закон“, „Место на злосторот“, „Црна листа“, „Замок“, „Сина крв“, како и во сериите што во последните години се снимаат во регионот „Државен службеник“, „Ургентен центар“, „Воена академија“, „Клан“, „Династија“, „Вера“ и многу други. Џек Димиќ го играл научникот Никола Тесла во филмот „Народот на Тесла“, кандидат за Оскар за долгометражен играно-документарен филм во 2020 година.

Гостувањето на Димиќ е овозможено со лична заложба на Н.Е. Драган Јаќимовиќ, амбасадор на Босна и Херцеговина во нашата земја.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Бојаџиевска: Дубравка Угрешиќ не можеше да ја поднесе бруталната комерцијализација на уметноста

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе