Култура

Александар Георгиев: Надлежните да создадат услови за дијалог и финансии за активирање на танцот

Културните работници, финансиерите и јавните институции да создадат услови за актуелизирање и активирање на танцот, вели танчерот, кореограф и културен работник, Александар Георгиев,  кој е автор на националната порака по повод 29.Април – Меѓунарониот ден на танцот.

  • Мојата порака за Меѓународниот ден на танцот е адресирана кон структурите, со цел да овозможат повеќе дискусија, дијалози и средства, услови кои ќе можат да го актуелизираат и активираат танцот; кои ќе можат да ги стимулираат и поддржат истражувачките процеси на танцот – околу танцот, преку танцот или со танцот; кои ќе му осигураат јавен простор на танцот за да може јавно да е достапен и колективно да е практикуван; а преку кој ќе можеме сите ние да ги обликуваме нашите колективни тела, смета Георгиев

Според него,  треба да се дозволи танцот да ја добие својата автономија,  застапеност и независност, затоа што е тука и му треба континуирана еманципација, а не приватизирање.

  • Системите и структурите што го професионализираат танцот треба да одржуваат свесност за танцот, да не создаваат ексклузивност која ќе води до поделба и класификација. Треба да бидеме свесни дека секој е танчер и дека процесот на професионализација не создава некаков си посебен вид на „не-танчери“, вели Георгиев.

Меѓународниот ден на танцот е посветен на видливоста и отворањето на простор за танцот, но истовремено и за лобирање за поиздржливи услови и структури за танцот, дополнува Георгиев во пораката.

А, на 29 Април, во чест на Денот на танцот во КСП-Центар Јадро, ќе се одржи премиера на современиот танцов проект „ Јас сум ти“ , во кореографија и изведба на Искра Шукарова и Тереза Лазарев.

Преку интимен дијалог Искра Шукарова и Тереза Лазарев истражуваат како танцот и гласот можат да коегзистираат заедно. Тие се стремат да откријат начини како двата ентитети можат да функционираат заедно, каде што едното нема да го надвладее другото. Истражувајќи го внатрешниот ритам Шукарова и Лазарев ги користат нивните гласови за да ги трансформираат движењата. Така градат телесни релации помеѓу себе и ‘другиот’, користејќи го гласот како медиум за израз, стои во најавата за премиерната изведба на проектот.

29 Април се слави како Светскиот ден на танцот,  во чест на роденденот на Жан- Жорж Новер, кој е познат како творец на модерниот балет. Датумот е избран 1982 година, по предлог на Танцовиот Комитет при Интернационалниот театарски институт на УНЕСКО.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Бојаџиевска: Дубравка Угрешиќ не можеше да ја поднесе бруталната комерцијализација на уметноста

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе