Госпоѓо Далфер, Вашиот прв настап во Македонија беше пред точно 27 години во рамките на Блуз анд Соул фестивал. Претстојниот концерт во Македонската филхармонија, кој е дел од Вашата турнеја, предизвика навистина голем интерес, закажан е и втор концерт. Ќе настапите со Вашиот бенд колку за Вас оваа турнеја е предизвик ?
- Среќна сум што повторно се враќам, пред сè, затоа што ќе свириме повторно по пандемијата со ковид, да дојдам на оние места кои секогаш сум ги сакала, многу сум среќна и возбудена. Имам неверојатен бенд, млади музичари, некои од нив настапуваат со мене со години. Одличен тапанар, многу млад кој во моментов е еден од најдобрите во Европа. Секогаш одбирам да го претставам заедно мојот нов материјал и она што е постаро, исто така, тука е и мојот нов албум We never stop. Но, во оној момент кога ќе се качиме на сцената се е слободно, се може да се случи, ги свириме песните, но и импровизираме, се забавуваме, многу е „фанки“ и материјал со многу енергија. Во овие времиња на луѓето им требаат енергични изведби, сакам луѓето да си заминат дома со насмевка на лицето и тоа е она што ќе им го дадеме.
Во Вашата музичка кариера соработувавте со врвни музичари како Ван Морисон, Принц, Масео Паркер, Лајонел Ричи, Бијонсе, Пинк Флојд, Чака Кан, Арета Френклин и многу други. Дијалог на различни музички стилови за кои верувам имаа влијание на Вас како музичарка?
- Имав навистина среќа, со музика почнав да се занимавам на многу рана возраст, мојот татко е саксофонист исто така. Почнав од забава, за да уживам и минувам повеќе време со татко ми, да имаме повеќе време како татко и ќерка. Потоа тоа се претвори во цела кариера. Бев многу срамежливо дете, сега на 53 кога ќе се свртам и видам што сум направила, речиси е неверојатно. Благодарна сум со секој нов ден. Сите овие соработки, со повеќето уметници само го потврдуваа дека е вистина она што го велеше татко ми: „Се додека уживаш во она што го правиш, да работиш напорно, да бидеш таму и да се поjавиш, доколку она од што живееш е навистина твоја страст, може само да одиш напред. Затоа што сите овие луѓе, кои се се уште живи, свират и се успешни. Долговечноста е нешто што се обидувам да го постигнам. Знаев уште како мала дека го сакам тоа, сега имам 53 години се уште одам на турнеи, ќе свирам во Македонија. Тоа е моето најголемо достигнување. Среќна сум. Научив од сите тие луѓе, кои се меѓу нас, но и оние кои веќе ги нема меѓу нас. Го сакав Принц и ми недостасува толку многу, фактот дека може да продолжам со музика пренесувајќи ја неговата порака низ светот, тоа е нешто посебно за мене и не го прифаќам тоа лесно.
Во едно интервју рековте дека Вашата музичка дејност може да се подели на пред и по „Lily was here“ и соработката со Дејв Стујарт…
- Дејв Стујарт е неверојатен човек. Еден од најљубезните, човек со големо срце во шоу бизнисот. И него го запознав многу млада, на иста возраст кога го запознав и Принц, еден вид коинциденција, во исто време. Тој секогаш ми помагаше, ми ја даде неверојатната песна која беше број 1 која ја лансираше мојата кариера. Но, во исто време секогаш ме заштитуваше, сакаше да сум среќна, исклучително дарежлив. Секогаш внимаваше на мене. Имаше периоди кога немаше да се видиме со години, но секогаш бевме во контакт на социјалните мрежи. Сакавме пак да соработуваме и да правиме нешто забавно. Без притисок. И сметам дека тоа е навистина реткост, особено кога станува збор за жена, затоа сметам дека сум среќна жена, се разбира дека работам напорно, самата успеав, но имав среќа дека со најголем дел од нив, се сретнав, најголем дел од мажите со кои соработував, овие неверојатни уметници, сите беа многу љубезни. Беа слатки, никогаш не ме злоупотребија и се грижеа за мојот интерес. Мислам дека тоа е реткост во музичкиот бизнис. Се сметам себеси за навистина среќна.
Живееме во навистина сложени времиња, економска криза, период по пандемијата сепак верувам и Вие ќе се сложите дека музиката, уметноста воопшто е онаа која го прави овој свет подобро место за живеење.
- Сметам дека е многу важно и секогаш било важно. Има причина, зошто музиката е во светот, тука е уште од античките времиња, на луѓето им треба да се ослободат, удобност, потребна им е порака понекогаш, потреба да се забавуваат, тоа звучи несериозно, но забавата е толку важна во животот. Тоа е моментот кога ќе завршите со работа, кога ќе ги тргнете проблемите и некој друг ќе се погрижи за вашиот ум и срце, давајќи ви нешто убаво. Тоа ни е потребно. Дури и јас како уметник не бев доволно свесна колку е важна уметноста. Понекогаш некои групи во светот се обидуваат тоа да ни го одземат, затоа што уметноста може да биде и „опасна“, ни дава право на глас, инспирација, моќ да се бориме. Особено за време на Ковид пандемијата, дури и во мојата земја во Холандија забележав дека некои луѓе се обидоа да нè тргнат на страна и да не ни помогнат тогаш. Никој од музичкиот бизнис во Холандија не беше платен. Беше многу лошо. Има некое чувство во светот сега, кое се обидува да се рашири, но нема да го дозволиме тоа, дека уметноста е несериозна или за повисоките класи. Тоа е глупост, затоа што, на сите ни треба ова, од најбогатите до најсиромашните луѓе. Потребна ни е уметноста и тоа не мора да биде „висока“ уметност, ни треба некој да ни пее на крајот на денот или да свири на инструмент покрај оган на пример. За да се чувствуваме подобро, затоа што животот е тежок и ни треба уметноста за да си олесниме и да имаме сила за наредниот ден.
Што е потребно за Кенди Далфер да каже „ова беше еден навистина совршен ден“?
- За мене? – Јас сум личност која сака кога куп различни работи ќе се спојат. Сакам мешавина од нешта. Сакам да станам рано, да го имам целиот ден за себе. Потоа да го правам тоа што сакам. Да се видам со пријателите, семејството, нормалните работи и потоа да одам на концерт или самата да свирам, тоа ме прави среќна. Да се видам со пријателите во бендот. Да имам супер ноќ, да свирам до 4 наутро. Да бидам среќна, да го бакнам дечко ми, моите посиноци и да си легнам. И пак да почнам во 7 наутро. Потребна е многу енергија за тоа, но така имам се. Не го сакам само животот како музичар, рок енд ролот, го сакам тоа, но сакам и обичен живот. Да имам куче, да прочитам книга, да излезам, да купувам намирници. Многу луѓе велат: „Не, не можеш да имаш се“. Тоа е точно, во материјална смисла. Но, во духовна смисла, научив дека може да имаш се. Ако се обидеш, барем да се обидеш, тоа веќе те усреќува. Мислам дека нема доволно часови во денот за мене, но среќна сум ако барем делумно успеам дел од тие работи да ги направам. Тоа го прави совршениот ден.
Нина Стефанова
