Култура

Дан и Лиа Пержовски ќе одржат предавање и работилница во МСУ

Романскиот уметнички двоец , познат по општествено ангажираниот творечки пристап, Дан и Лиа Пержовски, утре вечер (05.април) ќе одржи предавање во Музејот на современа уметност, насловено „Постојано репозиционирање, помеѓу локалното и глобалното“. Влезот е слободен за сите оние кои сакаат да ја искористат можноста да го запознаат одблиску овој уметнички тандем, велат од МСУ. Предавањето се реализира во рамките на Интердисциплинарната програма на МСУ – Скопје. А, задутре – 6 април на пладне, Дан и Лиа Пержовски ќе одржат и работилница на тема „Цртање, разговарање и споделување“.

Дан Пержовски е светски познат автор кој го користи цртежот преку бројни форми, на ѕид, преку перформанси, активистички цртеж, уметничка книга, проекти изведени во јавен простор, печатење и независно издаваштво. Тој преку своите цртежи, ја адресира важноста на бројни општествени теми, како што се актуелните воени, финансиски и мигрантски кризи, проблемите поврзани со комуникацијата денес, политичките уредувања, како и прашања што се однесуваат на современата уметност. Пержовски го трансформираше цртежот во медиум за информации и политички коментари. Изразувајќи сложени идеи преку брзо направени цртежи, Дан преку неговите инсталации сугерира како уметноста, или уметничкиот цртеж можат да бидат ангажирани. Најчесто ги создава своите цртежи во светски познатите музејски простори, како оние во Музејот на модерна уметност во Њујорк, каде што ги црташе пред очите на посетителите. Друга изложба на Пержовски пак е реализирана на ѕидовите од португалска банка и се состои од стрип- цртежи, кои се однесуваат на повеќе европски прашања, како што е прифаќањето на Романија во ЕУ и легализацијата на абортусот во Португалија. Неговата работа ги одразува, над сѐ, човечките прашања, и општествените односи.

Пержовски има реализирано бројни самостојни изложби во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, ВанАбе Музејот во Ајндховен, МАКРО во Рим, Киазма Хелсинки и Лудвиг Музејот во КелнУчествувал на бројни престижни групни изложби и манифестации, како Документа 15, Биеналето во Венеција, Биеналата во Истанбул, Лион, Џакарта, Сао Пауло и СиднејОд 2010 година, Пержовски го продуцира цртачкиот проект  во јавен простор насловен „Хоризонтален весник“, во Сибиу- Романија.

Лиа Пержовски е истражувачка, уредничка и концептуална уметница.  Таа е основач на неколку платформи и институции како „CCA“ – архивата за современа уметност во Букурешт и „КМ“ – Музејот на знаењето, како и „TSK“ – Телескопскиот простор на знаењето.  Лиа има реализирано самостојни изложби во Нашер музејот во Далас, Галеријата Иван во Букурешт, Музејот ESPAI Castellon во Шпанија, како и редица групни изложби, меѓу кои во Центарот Помпиду-Бобур во Париз, Тејт Модерн Лондон, МАКБА Барселона и Биеналата во Сао Пауло и Сиднеј.

 

 

 

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МНТ со праизведба на „Хенгинг Араунд“, а Драмски театар со премиера на „Хеда Габлер“

Дејан Дејан

Борба на највозвишеното и најниското во човекот, на отворањето на „Мајските оперски вечери“

Дејан Дејан

Диана Добрева: Културата е патот преку кој Бугарија и Македонија можат да се сплотат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе