Уставниот суд на седницата на 21 март донел одлука со која укина член од законот кој ја држеше основицата за пресметување на платите на функционерите на ниво од околу 26.000 денари. Потоа, оваа основица се множи со коефициент кој најчесто е меѓу 3 и 4 и се добива бруто платата на функционерот. Сега, по одлуката на судот, основицата од околу 26.000 скокна на 47 000 денари а со тоа и платите на функционерите.
Па така, Претседателот кој има највисока плата во државата ќе добие зголемување од 72.500 денари па неговата плата од околу 93.000 ќе скокне на над 165.000 денари.
Премиерот ќе има поголема плата за 50.000 денари, како и министрите и дома ќе однесат околу 2.000 евра.
Зголемување ќе добијат и пратениците кои на сегашната плата од околу 60.000 денари ќе добијат плус 700 евра месечно и дома ќе однесат нето плата повисока од 1.700 евра.
Близу 80% повисока плата ќе добијат и сите заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции. Меѓу оние кои ќе добијат повисока плата се и сите судии меѓу кои и тие од Уставниот суд кои практично со укинување на 2 члена од Законот за плати на функционерите го овозможија општото покачување.
