Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, во вечерашната Топ Тема, изјави дека начинот на кој бугарската држава во континуитет се однесува кон Македонија нема да ги разлади вжештените односи меѓу двете држави, туку уште повеќе ќе придонесе за ескалација и затегнатост во меѓудржавните односи.
„Од едноставна причина што не можете вие да бидете, како држава која е дел од Европската Унија, да се однесувате кон Македонија по еден стереотипен балкански тек од некаде крајот на 19-тиот и преод кон 20-тиот век.“ – изјави Ѓорчев.
Надворешно-политичкиот коментатор Љубомир Гајдов, оцени дека Бугарија со својата политика не се судира со Македонија, туку со американскиот интерес кој се води за Балканот.
„Америка има интерес целиот Западен Балкан да биде дел од Европска Унија. Целиот Западен Балкан. Треба да ја гледаме големата слика.“ – оцени Гајдов.
Не треба да изумиме дека и во Бугарија има сили и сигурно се во поголем број од колку во Македонија, кои не ги поддржуваат европските интеграции, изјави политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
„Не е спорно дека стратегијата на Бугарија е погрешна. Не може со вакво однесување да создадете емпатија кај другата страна. Парадоксално е тоа. Не е целта овде да се зближат народите. Овде е целта тие да се раздвојат, да се создадат тензии.“ – вели Муслиу.
