Вести Македонија Најважни

Целосното покривање на домашниот пазар остана само во најавите на ЕСМ

Од целосно покривање на потребите на домашниот регулиран пазар, до покривање на една третина од дневната потрошувачка на струја со увоз. Вака се движи патот од најавите на надлежните до реализацијата на ЕСМ вчера.

„Потребите за електрична енергија непречено се задоволуваат“, гласи насловот на владиното соопштение кое утрово беше лиферувано во јавноста.

Според официјалните податоци, вчера ЕСМ произведе 6,8 гигавати струја, а увезе 3,1 гигават. Ако се погледне домашното произвоство, 4,4 гигавати се од вториот блок во РЕК Битола, единствениот функционален блок во сите термоелектрани во државата, а хидроелектраните и ветерниот парк произведоа 2,4 гигавати струја.

Клучно е што во моментов производствените капацитети се десеткувани, а хидропотенцијалот е на минималната граница од 18 отсто. РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино се исклучени од мрежата, а РЕК Битола работи само со еден блок.

Во РЕК Осломеј се врши ремонт кој ќе трае според најавите до крајот на месецот. Во РЕК Битола се сервисира Блокот 1 кој треба да биде пуштен во функција и приклучен во мрежата во понеделник, а се чека на трасформаторот за третиот блок кој од ЕСМ најавуваат дека ќе пристигне до крајот на месецот и во првата половина од декември Блок 3, по една година пауза ќе продолжи со работа. Но, и тогаш комбинатот нема да работи со полна пареа, бидејќи веднаш ќе се исклучи блокот кој во моментов работи заради ремонт.

Интересно е кога станува збор за ТЕЦ Неготино, изјавите одат во две насоки, дека има сериозен дефект кој треба да биде саниран но и дека во моментов не е исплатливо да работи поради високата цена на мазутот, а доколку овој капацитет работи со два котли, односно под полна пареа производство на еден мегават би чинело 210 евра.

За да го покрие недостатокот од домашните капацитети ЕСМ за дваесетина дена од овој месец веќе потроши околу 18 милиони евра за набавка на струја од слободниот пазар. Оваа сума ќе порасне кога потрошувачката со падот на температурите ќе се зголеми. Тука е и прехранбената индустрија која од 1 декември оди под капата на ЕСМ продажба и ќе добива субвенционирана струја по цена од 80 евра за мегават час.

Сè уште нема ниту одговорност од фирмите „шемаџии” кои со итар план со месеци трошат поевтина струја од граѓаните, а за тоа кој треба да ја објави листата во јавност десетина дена надлежните директори, претседатели на комисии и вицепремиер ја префрлаат топката од една на друга институција.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВИДЕО: Што мислат за истополовите бракови, дали црквата треба да плаќа данок и колку партиските лидери им се шефови и им „бркаат“ гласови- Пендаровски и Силјановска во Претседателската дебата на Телма

Дејан Дејан

Наместо бројки, партиите треба да презентираат политики за економски раст, сметаат економските експерти

Дејан Дејан

Велигденски креативи кои ќе ви помогнат да ја разубавите претстојната трпеза

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе