Вести Македонија Топ вести

Небезбедно млеко со канцероген токсин најдено на македонскиот пазар – повлечени се 20 тони од рафтовите

Небезбедно млеко увезено од Босна и Херцеговина е повлечено од рафтовите во Македонија. Станува збор за количина од 20 тони, од трајното млеко „Милкано“ кое важи за едно од најевтините на пазарот.

Издадена е наредба за повлекување на производот, а купувачите кои не го испиле се повикани веднаш да го вратат во продавница.

Проверките потфрлиле во матичната земја на производот, БиХ, а во Македонија опасниот канцероген токсин во млекото е откриен при посебна мониторинг програма за анализи на храната, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Смируваат – само млекото со конкретен датум на производство и рок на важење од една серија е небезбеден.

„Досега според сите анализи, небезбеден се покажа само лотот со ознака или сериски број FD04 произведено на 05.10.2022 година, со рок на важење до 04.03.2023 година. Во текот на годината вршиме контроли и имаме посебна мониторинг програма за безбедност на храната, каде што ја прегледуваме храната не само според квалитетот и составот туку и за одредени резидуи доколку постојат или доколку за жал имаме појава на вакви случаи како овој“ изјави Николче Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство. 

Афлатоксинот е токсин кој обично се наоѓа во зрнести земјоделски производи како пченка и пченица, а во млекото и млечните производи се наоѓа најчесто преку добитокот кој се храни со тоа. Докторите велат – овој канцероген токсин може да биде многу опасен и кај возрасните и кај децата.

„Внесен во организмот преку дигестивниот систем односно преку храна, има исклучителен афинитет кон црниот дроб односно кон клетките коишто го градат црниот дроб. Сериозно ја пореметува нивната функција со тоа што црниот дроб практично функционира со ослабен капацитет. Многу е опасен кај деца затоа што кај нив има исклучителен афинитет кон централниот нервен систем и може да доведе до сериозни пореметувања во психо-физичкиот развој на децата, во менталниот развој“ вели проф. д-р. Андон Чибишев, клинички токсиколог. 

Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека небезбедното млеко ќе се врати кај производителот доколку надлежните ветеринарни власти од Босна и Херцеговина го прифатат тоа, а во спротивно, истото ќе биде уништено на депонијата Дрисла.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Охридското обвинителство ги истражува причините за смртта на 7-месечното бебе од Вевчани

Дејан Дејан

Снаата пронајдена мртва, деверот почина на клиника – двојно убиство во Стајковци

Дејан Дејан

Ѓузелов во „Топ тема“: И оние кои религиозно ја употребуваа придавката Северна, во предизборната кампања почнаа да не ја користат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе