Форензичари од компанијата „Парабон НаноЛабс“ со седиште во Вирџинија и Лабораторијата за идентификација на ДНА на вооружените сили (АФДИЛ), огранок на армијата на САД, реконструираа починат маж од 18 век кој имал околу 55 години и боледувал од туберколоза.
Користејќи софтвер за реконструкција на лице, научниците утврдиле дека човекот имал светол тен, кафеави очи и црна или кафеава коса и по некоја дамка на лицето, пишува „ЛајвСајнс“.
Непознатиот маж, со кодно име ЈБ55, бил погребан во доцните години на 18-от век во Грисволд, Конектикат, во форма на крст што, според научниците, покажува оти неговите сограѓани од тоа време верувале дека е вампир.
Врз основа на нозете и главата во гробот, форензичарите сметаат дека неговото тело било откопано и повторно закопано, што е пракса која се поврзува со верувањето во вампири. Честопати, луѓето низ историјата, додека сè уште не била развиена медицината, мислеле дека првите жртви на туберколоза биле вампири.
„Пронајдовме човечки остатоци, со коски наредени во форма на крст во пределот на градите. На тој начин, тие се обиделе да го спречат да стане од гробот и да го нападне локалното население“, изјави Елен Грејтак, директорка за биоинформатика во „Парабон НаноЛабс“.
За да направат анализа, форензичарите најпрво издвоија ДНА од коските на „вампирот“. Но, и тоа не беше лесно, со оглед дека станува збор за останки стари повеќе од два века.
„Како минува времето, коските се разградуваат и фрагментираат. Иато така, во толку стари примероци на коски, завршуваат и супстанции од околината како бактерии и габи“, вели Грејтак.
За време на класичното секвенционирање, научниците настојуваат 30 пати да го секвенционираат секој дел од човечкиот геном, со што се добива т.н. покриеност 30Х. Во случајот на ЈБ55, секвенционирањето даде покриеност од околу 2,5 и за пополнување на празнините, научниците земале ДНК од личност која била погребана во близина и била негов роднина.
„Парабон НаноЛабс“, кој направи реконструкција на лице, направи и дополнителни анализи, со цел да добие што поцелосен генетски профил, а потоа со вештачка интелигенција направи и профил на наводниот „вампир“ кој одел по Земјата пред отприлика 200 години.
Археолозите ги откопале неговите останки во 1990 година, но дури во 2019 година успеаја да ја издвојат неговата ДНА и го спроведоа низ интернетска генеалошка база на податоци, утврдувајќи дека ЈБ55 се викал Џон Барбер и бил сиромашен земјоделец.
Прекарот ЈБ55 се темелеше на епитафот на неговиот труп, кој ги означувал неговите иницијали и возраст при смртта.
Научниците оваа недела на конференцијата Меѓународен симпозиум за човечка идентификација, која се одржува од 31 октомври до 3 ноември во Вашингтон, ќе ги презентираат резултатите на нивната анализа и реконструкција на лицето Џон Барбер, обичен човек од 18-от век, кого локалното население го обвинило дека станува од гробот и ги напаѓа своите сограѓани.