Вести Македонија Топ вести

Недела останува ден за одмор на работниците, Уставен немаше мнозинство да донесе одлука по иницијативата на бизнис-секторот за укинување на тоа право

Прашањето за работа во недела останува отворено. Уставниот суд денеска не успеа да го затвори поради недоволно мнозинство на гласови. Недела да остане неработен ден предложи судијката Вангелина Маркудова и доби поддршка од тројца судии, а на ова се спротивстави судијата Дарко Костадиновски.

Сепак одлука не се донесе бидејќи за тоа се потребни вкупно петмина да гласаа ЗА, а во случајот се гласаше 4:1. И овој предмет ќе чека да се изберат нови судии во Уставниот суд.

Уставниот суд денес не донесе одлука по иницијативата на бизнис-секторот во која се оспорува решението за „недела неработен ден“.

Еден судија се изјаснил дека не го поддржува рефератот.

Токму поради тоа нема одлука по иницијативата поднесена од Стопанската комора, во која се оспорува Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи.

За да се донесе одлука потребно е да гласаат пет судии на ист начин „за“ или „против“. Во случајов, гласањето било 4:1.

Подносителот на иницијативата смета дека ден на неделен одмор може да биде било кој друг ден во неделата.

Од Сојузот на синдикати, пак, рано утрово им порачаа на судиите да не дозволат работниците да бидат робови.

„За жал, уште еднаш преку ваков значаен предмет за граѓаните се истакна потребата за пополнување на судиските места. Рефератот на овој предмет гласеше да не се поведе постапка, што значи законот да остане во правниот поредок односно недела да остане неработен ден освен во дејностите за кои е исклучок и кои се предвидени токму во овој закон. Овој предмет не го доби доволното мнозинство, еден од судиите се изјасни дека нема да го поддржи рефератот“ изјави Христина Беловска, портпарол на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Од Судот велат дека ќе се навратат на овој предмет тогаш кога Собранието ќе го комплетира Уставниот суд со доволен број на судии.

Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена, на четворица им е истечен мандатот.

Расправата за нови уставни судии долго време е заглавена во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Во меѓувреме револтот кај работниците е голем.

Од ССМ тврдат дека работниците веќе ги чувствуваат придобивките од правото за неделен одмор во недела.

Денес тие го поздравија неносењето на одлука од страна на Уставен, по иницијативата поднесена од Стопанска комора.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Дијаспората гласа за претседател

Дејан Дејан

Путин по петти пат стана претседател на Руската федерација

Дејан Дејан

Утре на гласање само еднаш, на гласачките места по две кутии

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе