На интернет страница на Основен суд Тетово во календарот на судења е објавено дека судењето за предметот К бр 450/22, односно за модуларната болница е закажано за 6 септември 2022 година во 10 часот кај судијата Јордан Велковски, односно првото рочиште ќе биде одржано на само два дена пред годишнината од големата трагедија.
Обвинети се тројца лекари, директорот на тетовската болница Флорим Бесими (брат на министерот Фатмир Бесими) и економскиот директор Артан Етеми, како и лекарот одговорен за управување со модуларната болница во Тетово. Лани на 8-ми септември во пожарот изгореа 14 луѓе во болницата, 12 пациенти заболени од ковид и двајца роднини кои биле во објектот.
Судењето е закажано откако на 16 август предметот за модуларната болница согласно Информациски систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС) беше распределен кај судија. По разгледување на обвинителниот предлог судијата сега го започнува судењето по обвинителен акт поднесен од обвинителството на 27-ми јули оваа година.
–Со предметот поврзан со модуларната болница во Тетово по поднесен обвинителен предлог од страна на ОЈО Тетово со бр. КО 531/22 со кој се обвинети Ф.Б, и А.Е за кривично дело тешки дела против општата сигурност и Б.В. за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија додека правно лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија е распределен кај судија од Кривичниот оддел со предмет К бр. 450/22, соопштија од тетовскиот суд на 16 август.
