Вести Македонија

Тетовското обвинителство смета дека во модуларната изгореле 14 луѓе поради небрежност на директорите кои може да добијат максимум 5 години затвор

Казни до максимум 5 години затвор, а делото поради кое изгореа и починаа 14 лица во тетовската модуларна болница е сторено од небрежност. Така може да се протолкува денешната скромна објава од тетовското обвинителството за најголемата болничка трагедија во државата откако по повеќе од десет и пол месеци истрага, Јавното обвинителство не ни го објави соопштението на својата веб страна.

Во кратката објава стои дека се обвинети двајца директори. Во време на катастрофалниот пожар директор на тетовската болница со повеќегодишен стаж на вршител на должност надвор од законските правила беше Флорим Бесими, брат на министерот Фатмир Бесими, додека економски директор беше Артан Етеми. И двајцата тогаш си поднесоа оставки.

Обвинети се за дело Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик.

Преведено од правен термин, ова значи дека може да добијат казни од една до 5 години затвор затоа што во член 292, став 4 стои: Ако поради делото од членовите 288 став 4, 289 став 2, 290 став 3 и 291 став 2 настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор од една до пет години.

Дополнително тетовското обвинителство одлучило дека станува збор за небрежност затоа што во член 288 став 4 стои: Тој што делото од ставовите 1, 2 и 3 го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Инаку според првичните информации, двајцата директори се обвинети затоа што објектот немал соодветна противпожарна заштита која не била вградена пред пуштањето на модуларната болница, а директорите иако знаеле дека не набавиле и вградиле систем за заштита од пожари сепак одлучиле да примаат корона пациенти и нивни роднини кои наместо медицинскиот персонал се грижеле за пациентите.

Одговорниот лекар за ковид болницата (третообвинет) пак доби уште поситно кривично дело односно „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1“ за што е предвидена парична казна или затворска до една година.

Ова дело е најупотребуваното во време на пандемијата, но не го добиваа раководители на медицински институции туку граѓани кои не ја почитуваа излоацијата поради болест или поради контакт со заболени.

Тетовската болница пак како правно лице е обвинета за Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, за што ќе добие парична казна.

Катастрофалниот пожар се случи на 8-ми септември лани, загинаа 14 луѓе, пациенти, но и нивни роднини кои се грижеле за нив.

Почна со проблеми, заврши со трагедија – Историјатот на тетовската модуларна болница

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе