Косовските власти најавија дека ќе го одложат спроведувањето на одлуките за 30 дена откако ќе се отстранат барикадите поставени од локалните Срби во северно Косово.
Дотогаш, документите за влез во Косово на граѓаните на Србија им се издаваат на сите премини со Србија, освен на Јариње и Брњак, кои се затворени поради барикади. На 1 август неколку минути по полноќ на граничниот премин Мердаре му е издаден првиот документ за излез од државата на српски државјанин.
„Во моментот на отстранување на сите барикади и пречки, оваа одлука ќе биде суспендирана до 1 септември 2022 година“, напиша на Фејсбук министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла.
Американскиот амбасадор во Косово Џефри Ховениер во неделата вечерта се сретна со претседателката на Косово Вјоса Османи и премиерот Албин Курти и побара одложување на спроведувањето на овие одлуки.
„Владата на Косово се обврзува да го одложи спроведувањето на две одлуки од 29 јуни 2022 година до 1 септември 2022 година, од моментот кога во понеделник, 1 август 2022 година, ќе бидат отстранети сите барикади и ќе се воспостави целосна слобода на движење на сите патишта на северот на Косово“, соопшти Владата на Косово пред полноќ.
Оваа одлука на Косово ја поздрави и високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел на Твитер. „Очекувам сите блокади да бидат отстранети веднаш. Отворените прашања треба да се решат со дијалог со посредство на ЕУ и да се фокусираат на сеопфатна нормализација на односите меѓу Косово и Србија, што е од суштинско значење за нивната интеграција во ЕУ“, напиша Борел.
