Ситуацијата на Косово за нашиот народ никогаш досега не бика толку сложена и тешка како што е денес, изјави на денешната драматична прес конференција во Белград, српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според него, режимот во Приштина, правејќи од себе жртва се обидува да ја искористи ситуацијата во светот и да создаде слика дека се бори против српскиот хегемонизам. Тие донесоа одлука да наметнуваат одлуки на кои немаат право, за српскиот народ во северниот регион на Косово и Метохија, вели Вучиќ.
Обраќањето на Вучиќ се однесува на најавата на Косовскиот премиер Аљбин Курти дека од 1 –ви август, властите во Приштина ќе почнат да издаваат потврди за граѓаните кои поседуваат документи на република Србија и ќе започнат со пререгистрација на автомобилите со српски регистарски таблици.
Вучиќ посочи дека Косовските албанци се правдаат дека ваквата одлука е во согласност со Косовскиот устав. Во согласност со српскиот устав, Косово е дел од Србија, изјави Вучиќ, но ние не одиме со оружје и насила да ја враќаме таа територија под своја контрола.
Српскиот претседател ги замоли Албанците да не тргнуваат во прогон на Србите, од кои пак побара да не наседнуваат на провокациите. Тој ги замоли и претставниците на големите и моќни држави кои ја признале независноста на Косово, да поведат сметка за меѓународното право и да не дозволат нивните штитеници да предизвикаат судир.
„Тоа е мојата голема молба. Ние ќе молиме за мир и да бараме мир, но веднаш да ви кажам, предавање нема да има и Србија ќе победи. Доколку се осмелат да тргнат во прогон на Србите, малтретирање на Србите, убивање на Србите – Србија ќе победи. Тоа е се што имам да кажам“ – изјави Вучиќ.
