Вести Свет Топ вести

Летонија последната држава која остана без рускиот гас

Газпром соопшти денеска дека ја прекинал доставата на гас за Летонија, последната земја членка на Европската Унија на која ова и се случува, по драстичното влошување на билатералните односи меѓу европскиот блок и Русија заради војната во Украина.

Рускиот државен монопол за производство на гас соопшти дека балтичката држава ги нарушила условите за купување на гасот, но не соопшти детали на кој начин тоа го направила Летонија.

Оваа држава зависи од Русија за увозот на природен гас, но овој енергенс е само ¼-тина од вкупната енергетска потрошувачка на државата.

Земјите членки на Европската Унија ја обвинуваат официјална Москва дека го користи намалувањето или прекинувањето на извозот на гас

како оружје за одмазда заради западните санкции воведени против Русија, по инвазијата на Украина.

Истовремено, НАТО го засили своето воено присуство во Летонија и нејзините Балтички соседни држави, Естонија и Литванија, затоа што овој регион подолг период се смета како потенцијално ново жариште во односите со Русија.

Етничките Руси се најголемото мнозинство во Балтичките држави, кои повеќе децении беа и дел од Советскиот Сојуз. Трите држави планираат наредната година целосно да го запрат увозот на рускиот гас.

Газпром пред 3 дена драстично го намали протокот на гасот низ гасоводот Северен Поток 1, на само 20% од вкупниот капацитет. ЕУ го одбива и барањето на Русија, земјите членки да го купуваат гасот во рубљи а не евра, тврдејќи дека нема таква договорна обврска.

По почетокот на руската инвазија на Украина во Февруари и воведувањето санкции против Русија, Газпром ја прекина доставата на гас за Бугарија, Финска, Полска, Данска и Холандија, токму заради одбивањето да плаќаат во рубљи. Еден ден пред да биде прекината доставата на гас за Летонија, енергетската компанија за дистрибуција на овој енергенс во Рига соопшти дека тие гасот го купуваат исклучиво во рубљи.

Европските министри за енергија постигнаа и договор со кој во периодот од август до март наредната година,треба да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти. Но ваквиот план, според кој земјите членки треба доброволно да се согласат со намалувањето, предизвика сериозно противење кај повеќе држави, дел од кои и беа исклучени од обврската за штедење.

Најгласниот противник за откажувањето од рускиот гас е Унгарскиот лидер, Виктор Орбан, кој во изјава за националната радио станица соопшти дека неговата држава ќе потпише нов договор со Русија во наредните месеци, кој за официјална Будимпешта ќе обезбеди речиси една милијарда кубни метри гас.

Унгарија мора да има доволно гас, изјави Орбван. Новиот договор би следувал по 15-годишниот договор со Газпром кој Унгарија го потпиша минатата година за снабдување со околу 4,5 милијарди кубни метри гас годишно.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Пронајдена поголема количина кокаин – маж од скопски Брест лишен од слобода

Дејан Дејан

Осомничениот за нападот во Берлин е застрелан од полицијата во момент кога сакал да нападне со остар предмет

Дејан Дејан

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе