Босна и Херцеговина со години има колективно претседателство избрано по етнички клуч, а Бакир Изетбеговиќ е на чело на партијата СДА која со години е лидер во босанскиот електорат. На трибина пред младите сопартикци, Изетбеговиќ се пожали дека младите си заминуваат од БиХ, и најави футуристичко решение.
-Младите кои заминуваат ќе мора да ги замениме со хај-тек технологии и со роботика. И вооружените сили ќе мора да ги засилиме со роботи, пред се со дронови. Односно со летечки роботи, изјави Бакир Изетбеговиќ, босанскиот претставник во тричленото колективно претседателство на БиХ, една од најсиромашните земји во Европа.
На истиот собир, Изетбеговиќ изјавил и дека сега откако преку попис се преброиле има доволно луѓе за се.
-Се преброивме. И колку ловци имаме и колку млади луѓе. И колку имаме инструктори за дронови, и така натаму. Нема да набројувам понатаму, но само да знаете, истакнал Изетбеговиќ.
Босанската опозиција го осуди говорот како хушкање на војна, а не остана мирен ниту српскиот претставник Милорад Додик кој исто така почна со пребројување на својата етничка група.
Осуда за пребројувачкиот говор стигна и од амбасадата на САД (држава која преку Дејтоснкиот договор е гарант на мирот во БиХ) којашто порача дека граѓаните на Бих заслужуваат лидери кои ќе им донесат добро, а не нови поделби како во воените 90-ти од минатиот век.
-Во 2022-ра година, граѓаните на БиХ зслужуваат подобро од лидерите кои повикуваат на етнички поделби и кои потикнуваат етнички тензии, беше децидна во пораката амбасадата на САД во Сараево, која не ги спомна роботите кои треба да ги сменат младите што си заминуваат од бесперспективната држава во срцето на Балканот.
