Вести Македонија Топ вести

Почна со проблеми, заврши со трагедија – Историјатот на тетовската модуларна болница

На сервисот Гугл мапи, тетовската модуларна болница се уште ја нема впишано. На последните сателитски снимки стои ледина каде се случи синоќешната трагедија. Почна да се гради лани во ноември и беше последната модуларна болница што ги отвори вратите за пациентите, во средина на април, во пролетниот корона бран.

-Веќе стана навистина историја. Вчера е направено веќе примопредавање од страна на фирмата- изведувач, од министерството за нас. Има забелешки при примопредавањето за фирмата и даден им е рок од 5 дена за исправање на грешките, истакна економскиот директор на Клиничкиот центар во Тетово Артан Етеми на 15-ти април 2021-ва.

Токму овие забелешки беа причина за првите сомнежи колку е можно модуларниот објект да бил причина за пожарот. Од министерството за здравство и од изведувачот Брако негираат и велат дека забелешките биле од естетска природа или ситни недостатоци како нивелирање на тоалетни сифони. Сите модуларни болници се безбедни, градени според високи медицински стандарди и со поминат технички прием, тврди Министерството.

При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани.  Министерството за здравство  информира дека ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита.

Од БРАКО кое ги градеше деветнаесетте модуларни болници со договор на повеќе од 4 милиони евра велат дека сите обвинувања кон нив се злонамерни шпекулации со цел да се оцрни портфолиото на компанијата поврзана со Кочо Анѓушев. Но и нивниот договор и нивниот демант открива друго министерство вмешано во здравствената инвестиција.

Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што впрочем е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската Банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика.

Всушност целата инвестиција е преку проект подржан од кредит на Светска банка за справување со КОВИД-19, а главен македонски партнер е труд и социјала. Но како се вршеле техничките приеми во една изјава за Инфокомпас објаснува директорката на прилепската болница.

-Вчера имавме технички прием од страна на Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, сега останува да ги завршиме нашите обврски да воведеме електрична енергија и довод за кислородна поддршка, рече Кети Смилеска, В.Д. директор на прилепската болница на 05.03.2021.

Со ова изјава се открива дека после техничкиот прием почнува приклучок на електрична и водоводна мрежа, но и уште една работа. Дека на приемот, а ова ни беше потврдено во уште една  болница, немало претставници на Дирекција за заштита и спасување.

Инспектор од ДЗС задолжително според член 70 од законот за заштита и спасување мора да изврши „увид и да даде согласност за застапеност на мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи или да даде забелешки на записник, доколку не се исполнети условите за согласност“. Ова се спроведува по писмено барање на органот кој ја издава дозволата за градење.

Од министерството тврдат дека сите потребни сертификати се обезбедени, а од Брако посочија и дека е тестирано. Директорот на ДЗС само кратко ни кажа дека поради истрагата се уште е рано за давање информации.

Министерството за здравство пак вети дека ќе ги објави сите документи од набавката и сите спецификации за употребени материјали. На сајтот на проектот, за тетовската болница има фотографии на кои се гледа дека на подот под линолеумот се ставани табли ОСБ кои всушност се компресирани и залепени дрвни остатоци што е лесно запалив материјал. Но се зависи од она што е над него, дали е вградуван огноотпорен линолеум или не.

Модуларната во Тетово изгоре, не дочека да ја снимат сателити за гугл мапс, а не дочека ни директен асфалтиран пат од мостот на Пена. Се уште е земјен и неизграден, доколку бил асфалтиран од тој правец можеле полесно и побрзо да пристапат пожарникарите.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Не се прифатени тужбите на ДУИ за изборите, одлучи Управниот суд

Дејан Дејан

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе