Цената на гасот во Европа се зголеми откако рускиот Газпром ја преполови количината на природен гас која минува низ главниот гасовод од Русија за Европа на 20% од максималниот капацитет.
Цените се зголемија речиси 2% и гасот денеска се продава за речиси рекордно висока вредност од почетокот на руската инвазија на Украина.
Официјална Москва, која од почетокот на војната, ја намали или прекина доставата на гасот за 12 земји во ЕУ, инсистира дека новата рестрикција низ Северен Поток 1 е заради техничката поправка на една турбина за гасоводот, додека уште една турбина која била испратена на поправка во Канада, се уште не е ставена во функција.
„Газпром обезбедува гас колку што е неопходно и колку што е возможно. Знаеме дека техничките можности за пумпање гас се намалени. Тие се редуцирани. Зошто? Затоа што поправката на различни делови е екстремно тешка заради ограничувањата, санкциите кои беа воведени од Европа, односно Европската Унија“ – реагира Дмитри Песков.
Сепак за Германија, најголемиот увозник на рускиот гас, станува збор за политичка одлука и обид да се создаде несигурност и да се зголемат цените на енергенсот.
„Како и претходно, не гледаме никаква техничка причина за ова. Турбината е тука. Беше поправена. Нашите канадски партнери се согласија за доставата. Благодарни сме заради тоа. Од наша гледна точка, нема ништо што го спречува транспортот на турбината за Русија“ – вели портпаролот на германската влада, Кристиане Хофман.
Земјите членки на Европската Унија вчера се согласија доброволно да ја намалат потрошувачката на рускиот гас за 15 % во периодот од Август до Март наредната година, со цел да се направат резерви од енергенсот пред доаѓањето на зимата , пред се затоа што Русија продолжувас да го користи гасот како оружје во конфликот со ЕУ.
Никола Илиевски
