Нецел ден по потпишувањето на договорот за продолжување на извозот на украинска пченица преку црноморските коридори, Русија го гранатираше пристаништето во Одеса, од каде западот очекуваше започнување на транспортот на 20 милиони тони пченица, заглавени во градот од почетокот на војната. Украинските власти денеска соопштија дека две руски ракети „Калибар“ го погодиле пристаништето, додека две други биле соборени од стана на противракетен систем.
Уште вчера Украинците беа препазливи во своите изјави за постигнатиот договор, кој од страна на Генералниот секретар на ООН, беше оценет како „зрак на надеж“.
Имаме договор, но не знам дали тој ќе функционира. Мислам, се надевам. Но, имајќи искуство со Русија и договорите од Минска од 2014 и 2015 година, знам дека што и да договорите со Русија, на крајот тоа може да не профункционира, бидејќи тие ќе ги интерпретираат работите на сосема различен начин, изјави вчера украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро кулеба.
Иако вчера во Украина преовладуваше благ оптимизам, денеска тие се бесни. Андриј Јермак, шефот на кабинетот на Зеленски, обвини дека Русија систематски создава глобална криза со храната, додека пак, портпаролот на министерството за надворешни работи, Олех Николенко, рече дека со ракетниот напад Путин плукнал во лицата на Генералнито секретар на ООН Антонио Гутереш и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кои направиле натчовечки напори за да се постигне договорот.
Според вчера постигнатиот договор во Истанбул, Русија се согласи да не ги напаѓа пристаништата и бродовите додека се одвива транзитот на пченицата, додека пак Украина, вети дека ќе ги наведува Бродовите преку минираните води околу пристаништата. Турција, со поддршка од ООН, ќе врши инспекција на товарните бродови, за да се одговори на руските обвинувања дека тие би можеле да бидат искористени за достава на оружје во Украина.
Игор Трајков
