Русија и Украина потпишаа денеска одвоени договори со Турција и Обединетите Нации, со кои се овозможува продолжување на извозот на милиони тони украинска пченица преку пристаништата на Црното Море, како и на руската пченица и ѓубриво, со што се става крај на кризата која го загрози снабдувањето со храна во целиот свет.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу и украинскиот министер за инфраструктура Олександр Кубраков, потпишаа одделни договори со генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш и турскиот министер за одбра Хулуши Акар. Церемонијата во Истанбула ја следеше и шефот на турската држава, Реџеп Таип Ердоган.
Ова е најважната работа која сум ја направил во текот на мојот мандат, оцени првиот човек на светската организација Гутереш.
Денеска, има светилник на Црното Море. Светилник на надеж, светилник на можности. Светилник на олеснување во светот на кого тоа му е потребно повеќе од кога било претходно. Сакам да им оддадам признание и да се заблагодарам до сите кои помогнаа тоа да се случи. Договорот ќе им помогне на земјите во развој, кои се на работ на банкрот, и на најранливите народи кои се соочуваат со глад. Ова ќе овозможи стабилизирање на глобалните цени на храната, кои веќе беа на рекордно ниво уште и пред војната, вистински кошмар за земјите во развој, оцени Гутереш.
Извозот на украинската пченица беше прекинат по руската инвазија на Украина на 24 февруари, што дополнително влијаеше врз зголемување на цените на светските берзи, покрај веќе значителното влијание од ковид пандемијата.
Десетици милиони тони од минатогодишната жетва се сѐ уште заглавени во Украина, а само во силосите во Одеса во моментов има 20 милиони тони.
Не е само украинската пченица која е значајна за олеснување на притисокот предизвикан од недостаток на храна на светските пазари. Загрозени беа и руските производи и ѓубривата производени во Русија. Иако тие не беа дел од санкциите против Руската федерација, голем дел од меѓународните компании за транспорт одбиваа да склучуваат договор со Русија. Официјална Москва имаше големи проблеми да најде бродови за извоз на своите производи преку Црното море. Договорот склучен денеска нуди решение и за овие проблеми со рускиот извоз.
Според постигнатиот договор, украинската морнарица ќе ги наведува товарните бродови низ минираните води, а Русија ќе се согласи на прекин на огнот додека пратките поминуваат, додека Турција, поддржана од ОН, ќе врши инспекција врз товарните бродови за да одговорат на руската загриженост дека пратките нема да се користат за шверцување оружје за украинската армија.
Никола Илиевски
