Вести Македонија Најважни

Голем протест пред владата под мотото „Ултиматум-не благодарам“ на кој беше отфрлена француската предлог преговарачка рамка

Повеќе илјади луѓе излегоа денеска на протест под мотото „Ултиматум – не благодарам“ пред зградата на владата на Македонија, изразувајќи го незадоволството од Француската предлог преговарачка рамка.

Пред владата дојдоа граѓани од повеќе македонски градови, порачувајќи дека на Францускиот предлог треба да се одговори со „НЕ“ и да се отфрли.

Дел од нив оценија и дека ако се даде се што од нас се бара за влез во ЕУ, тогаш не ни треба да го бараме тоа.

„Кога ќе не нема нас, што вреди Европска Унија?“ – праша еден граѓанин.

 

“Никој од страна не треба да се меша и самите треба да си го решиме проблемот“ – порача друга граѓанка од протестот.

 

„Кога е во прашање националниот интерес, мора да бидеме единствени. За друго може да се караме, но не и за националното“ – вели друг граѓанин.

Протестот беше најавен како граѓански, надпартиски и без партиска организација. Сепак, меѓу присутните се појавија и членови на високото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.

„Нас не ти треба Европа ако сакаме да се асимилираме. Јас не сакам во Европа, затоа што имам право да бидам Македонец, кој што говори на македонски јазик и кој што се бори за својата Македонија и за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство. Ќе почекаме. Ако Европа не е подготвена нас цивилизираните Македонци на цивилизиран и достоинствен начин таму каде што ни е местото а тоа е во Европа, ќе почекаме кога ќе дојдат луѓе кои го разбираат она што ние денеска сакаме да го кажеме а тоа е Македонија пред и над се, македонскиот идентитет пред и над се “ – порача Мицкоски.

На посебно плато пред владата беше поставена и бина од која на присутните граѓани им се обратија повеќе говорници.

Новинарот Тони Стојановски, во емотивен настап, за последниот француски предлог кажа: „Но пасаран“.

„Добродушни сме, но наивни не сме. Зло не мислиме, но зло повеќе не трпиме. На секој предлог и договор и услов кој постои само за нас, ќе одговориме со НЕ“ – кажа Стојановски.

Во своето обраќање, професорката Елка Јачева Улчар од институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ порача:

„Понудата што доаѓа од бугарска страна е да се обезимени нашиот јазик, кој како македонски егзистира и во научната и во светската јавност безмалку еден век. Македонскиот јазик не е ничиј дијалект. Тој како и секој стандарден национален јазик ги има развиено сите потребни функционални стилови што ги има секој јазик. Тоа се литературен, публицистички, научен, административен. Со кое право и според кои тоа европски стандарди ние Македонците треба да се откажеме од својот јазик, од својата историја и така обезличени да си го спечалиме влезот во Европската Унија“ – изјави Јачева Улчар.

Иако не беше најавен како партиски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски , потврди дека протестот ќе продолжи и утре, на исто место и во исто време.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ситуацијата во Нова Каледонија е релативно мирна по пристигнувањето на 1.000 полицајци

Дејан Дејан

Уапсениот врховен судија Наќе Георгиев е однесен во полициска станица

Дејан Дејан

Се прегласува на седум гласачки места – изборен молк на полноќ поради прегласување за парламентарните избори

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе