Вести Македонија Најважни

Први детали и реакции за францускиот предлог за преговарачката рамка за Македонија со ЕУ

Стигна официјалниот француски предлог за преговарачката рамка за земјава со ЕУ во македонсксата влада.

Од таму информираат дека предлогот е со идеи кои се однесуваат и на јaвно изнесени позиции и ставови од македонска страна, што, според македонската влада, претставува основа за отворање на широк консултативен процес, прво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со шефот на државата, со Собранието, опозицијата, но и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата.

Телма неофицијално дознава дека конечниот француски предлог има три клучни измени. Првата е во терминологијата околу одржувањето на Првата меѓувладина конференција, со тоа што првата меѓувалдина конференција би значело и старт на преговорите, но првиот кластер би се отворил на следнат меѓувлалдина конференција која би се одржала по промената на македонскиот Устав.

Другите промени на предлогот се однесуваат на тргање на историските прашања и т.н. Протоколи од Меѓувладините конференции, односно, протоколите кои се дел од Договорот за добрососедство не би биле дел од Преговарачката рамка, како што стоеше во нацрт-предлог на француското претседателство.

Формулацијата околу јазикот останува – македонски, со унилатерални изјави од Бугарија и Македонија, кои немаат формално – правна тежина во самата Преговарачка рамка. За Македонија останува обврската за внесување на Бугарите во Уставот, уставни измени кои мора да звршат за да се отвори првиот кластер од преговорите на земјава со ЕУ.

Се предлага и пред формалното отворање на преговорите, доколку модифицираниот предлог биде прифатен од македонска страна, ќе треба да се потпише вториот Протокол од Меѓувладината конференција меѓу Македонија и Бугарија како дел од договорот за добрососедство.

За таа цел, деновиве, а можеби и уше утре, можно во Скопје да допатува бугарската министерка за надворешни Теодора Генчовска.

Засега нема официјална потврда на овие информации од македонските власти, додека во Бугарија веќе се лиферуваат детали со сосема поинаков контекст.

Македонскиот претседател за Телма потврди дека не станува збор за нов предлог, туку за модифицирање на претходниот, но кој е далку подобар за земјава.

„Од француското претседателство со ЕУ е добиен модифициран предлог за надминување на отворените прашања со Бугарија, со цел деблокирање на нашата европска интеграција. Не станува збор за нов предлог, туку на две-три места во предлогот има модификации кои се направени во консултација со двете страни. Она што во моментов единствено може да се каже за модифицираниот францукси предлог е дека тој е далеку подобар од претходниот за нашата земја. Сепак мора да следи широк консултативен процес во земјата, низ кој ќе се изгради ставот за овој сет на идеи, во прилог на стратешкиот интерес на земјата. Исто така ќе треба да се почека и двете страни да го соопштат својот став, за што постои мала резерва во поглед на Софија со оглед на моменталната политичката ситуација таму“ – вели Претседателот Стево Пендаровски.

Инаку официјалниот предлог на Париз денеска лично го најави францускиот претседател, Емануел Макрон, на прес-конференција од самитот на НАТО во Мадрид, кој притоа рече дека Франција успеала да достави финална верзија на преговарачката рамка, со компромисно решение кое одговара на барањата на двете страни.

„Продолживме со консултациите со македонските и бугарските власти, бидејќи нашата приврзаност кон европската перспектива на Западен Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Северна Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, убеден сум дека најдовме компромисно решение кое ја почитува сечијата чувствителност. Во интерес на Бугарија и Северна Македонија, прифатливо за сите. Се надевам дека неговата рецензија од двете страни во наредните денови ќе го потврди тоа“ – вели Макрон.

Макрон притоа рече дела бугарската страна ја потврдила својата поддршка за овој предлог. Придржувањето кон принципот ќе бара консултации во Скопје.

„Придржувањето кон принципот ќе бара консултации во Скопје. Ова решение на сите им носи сигурност, предвидливост и гаранција за надминување на споровите наследени од минатото“ – додава Макрон.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Ќе ги бомбардираме електричните централи и мостовите во Иран ако не се вратат на преговорите

Kristina Kuzmanovski

Го убиле на паркинг во Автокоманда, телото го пренеле во дворот на Поликлиника Железара – брачен пар од Скопје осомничени за убиството на матичниот лекар Трповски

Sasko Dimovski

Кривична против таткото на Меланија за физичко и психичко насилство врз семејството за што јавно алармираше неговата ќерка

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе