На Бојко Борисов му се допаѓа францускиот предлог. Најави дека 59 – мината пратеници од ГЕРБ ќе го поддржат и ја повика владата на Кирил Петков што поскоро да го достави до Парламентот, каде е убеден дека ќе биде поддржан од мнозинството пратеници.
Но, побара претходно да се свика Министерскиот совет, да се даде предлог и да се достави до Народното собрание, а тие ќе го поддржат.
За Борисов, текстот на предлогот е навистина многу добар и ги вклучува сите стравови, нервози и она што ја засега Бугарија.
За оваа одлука, веднаш доби честитки од еврокомесарот за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји.
И бугарскиот претседател, Румен Радев, е задоволен од францускиот предлог. Оцени дека, тој немало да се случи ако Бугарија не го употребела ветото, со јасен став и аргументи.
Задоволен е и од фактот дека, суштинските преговори на Македонија со ЕУ нема да почнат се` додека Бугарите не бидат впишани во нашиот Устав.
Но, доследно како и секогаш на браникот на бугарските максималистички и националистички барања, Радев ги предупреди бугарските политичари. Рамката не е доволна.
Бугарскиот претседател тврди дека, самата преговарачка рамка не е гарант за бугарските интереси, вистинската заштита на нивното културно-историско наследство, на промената на учебниците и натписите на спомениците во Македонија, зависи од содржината на билатералниот протокол, бидејќи врз основа на него, Европската Унија ќе следи што треба да се бара и заштитува во процесот на преговорите.
Откако посочи што се` треба да направи Македонија за да ги задоволи бугарските максималистички барања, Радев им се обрати и на нашите политичи лидери, укажувајќи им дека сега е време за политичко лидерство и храброст во името на иднината.
Од нашата влада, пак, се` уште упорно молчат. Образложението е дека, треба детално да се анализира, а се чека за него да се изјаснат членките на ЕУ.
Далиборка Демјанска Цветановска
