За францускиот предлог не смее да се молчи, туку веднаш да се свика собраниска седница, на која ќе се разгледаат сите стапици во него, и ќе се дефинираат клучните црвени линии за кои Македонија треба да се погрижи да не бидат дел од преговарачкиот процес. Ова е сугестијата на Институтите за демократија и европска политика, кои сметаат дека, во предлогот има сериозни ризици, а клучен е раното внесување на бугарската заедница во македонскиот Устав.
Експертите анализираат и дека, голем дел од предлогот е реално штетен. Се работи за преседан, и иако се мисли дека топката се префрла во Брисел, Софија ќе има голема улога во оценувањето на извештаите на Европската комисија за прогресот на Македонија.
Во делот на јазикот, унилатералните изјави од земјите стануваат дел од целиот процес и нема гаранција дека во иднина таа декларација нема да биде злоупотребена од Бугарите при оценувањето на прогресот, и да стане дел од условите за членство. Проблематичен е и механизмот за заштита од дискриминација, се остава простор за слободно толкување и можност фејсбук статуси и графити да се сметаат како говор на омраза, затоа формулациите мора да бидат прецизно дефинирани.
Македонската страна, велат, мора да го побара на увид билатералниот протокол, а владата не смее да остане нема, очекувајќи дека земјите членки ќе го заштитат нашиот преговарачки процес. Замаглен е и аспектот на историската комисија, што отвора простор за уцени за договор, а не е предвиден реципроцитет за правата на македонското малцинство во Бугарија.
Поранешниот министер за надворешни работи, пак, прашува, како за неколку месеци, Македонија ги изгуби црвените линии, почнувајќи од тоа, билатералните проблеми да не бидат во преговарачката рамка, преку декларацијата за македонскиот јазик, до тоа, бугарската заедница да се внесе во уставот на почеток, наместо на крај на процесот?
Македонија, нагласуваат експертите, заслужува европска преговарачка рамка, што ќе се базира на реформи, а не на билатерални барања.
Далиборка Демјанска Цветановска
