Вести Македонија Најважни

Францускиот предлог за бугарскиот претседател Радев е чекор во вистинска насока, но националистичката реторика не ја менува

Како многу пати досега и во согласност со својата конзистентно безкомпромисна и непопустлива политика кон Македонија, бугарскиот претседател Румен Радев денеска охрабрен од француската поддршка преку содржината на преговарачката рамка, изрази делумно задоволство од објавените предлози.

Откако ја искритикува владата дека не изработила бугарски предлог, па го доставила францускиот во националното собрание, каде ја префрлила сета одговорност, Радев директно го искритикува и Петков, потсетувајќи го дека тој мора да има сопствен став, бидејќи е премиер а не курир.

„Предлогот на француското претседателство е секако чекор во вистинската насока, но остануваат голем број прашања кои треба да бидат решени, пред да се крене ветото“ – вели Радев.

Она што некако во Македонија се претставуваше и доживуваше како барање со чие исполнување ќе се тргне бугарското вето, односно вметнувањето на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, Радев веднаш го демантираше и наброја повеќе други услови, со кои најблаго кажано, радикалниот бугарскиот национализам поддржан од Француските предлози, го цементира а не отстранува ветото.

„Запишувањето на Бугарите во уставот пред почетокот на преговорите е задолжителен но недоволен услов. Не помалку важно е да има јасни механизми и мерливи критериуми за искоренување на повеќе децениската политика на дебугаризација, кражба и фалсификување на бугарската историја. За обновување на уништените споменици и знаци на бугарштината во таа земја. За зачувување на бугарското културно историско наследство. За искоренување на говорот на омразата. За рехабилитација на сите жртви репресирани само затоа што продолжиле да се нарекуваат Бугари“ – повторно ги наброја Радев бугарските барања.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, чија влада е на стаклени нозе по напуштањето на коалицијата на партијата „Има таков народ“, денеска повторно порача дека тој нема да донесе никаква одлука без да биде поддржан од ставот на Народното собрание, зад кој би застанело мнозинство од пратениците.

„Се додека националното собрание не донесе одлука, не можам да кажам дали е укинато или не, ветото за Северна Македонија“ – изјави Петков.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Земјоделците се оставени на милост и немилост на откупувачите

Дејан Дејан

Прскањето против ларви од комарци доцни веќе месец дена

Дејан Дејан

Министерските имиња и владиниот кабинет пред крај на мај- ќе зависи ли и од прегласување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе