Руските сили продолжуваат да напредуваат во освојувањето на источна Украина. Стратешки важниот град Северодоњецк речиси и да не постои од интензивните гранатирања. Синоќа е уништен и последниот мост кој го поврзува градот со украинската територија, односно со блискиот град Лисичанск. А тоа значи дека сега нема начин како да се достави хуманитарната помош до заробените цивили, а не може да стане збор ниту за евакуација. Жителите преживуваат во екстремно тешки услови, и очајно се бара помош. Жестоката битка за Северодоњецк ќе остане запаметена како една од најбруталните борби кои Европа некогаш ги видела, а за која Украина плаќа застрашувачка цена, порача Зеленски.
„Цената на оваа битка за нас е премногу висока. Страшно е. И секој ден им укажуваме на нашите партнери на фактот дека само доволен број модерна артилерија за Украина ќе ја обезбеди нашата предност и конечно крајот на руското малтретирање на украинскиот Донбас“, рече Зеленски.
Во Северодоњецк останаа заробени и украинските војници. Од прорускиите воени лидери им се понудени две опции.
„Севиродонецк е всушност блокиран откако вчера е разнесен и последниот мост што го поврзува со Лисичанск. Затоа, украинските воени единици кои се стационирани таму, остануваат таму засекогаш. Имаат две опции: или да го следат примерот на своите колеги и да се предадат, или да умрат. Немаат друга опција“, изјави Едуард Басурин, воен лидер на самопрогласената Доњецка Народна Република.
По евентуалното целосно освојување на Луганск, фокусот на руската инвазија се очекува да биде на регионот Доњецк, по што се очекува дека рускиот претседател Путин ќе прогласи анексија на целиот регион Донбас. Но, тоа не доаѓа предвид за Зеленски, кој вели дека за да се справи со злото нема друг избор освен да продолжи понатаму, и да го врати и анектираниот Крим.
„Се разбира, ќе го ослободиме и нашиот Крим. Знамето на Украина повторно ќе биде над Јалта и Судак, над Џанкој и Евпаторија. И нека знае секој руски функционер кој запленил скапоцена земја на Крим: ова не е земјата каде што ќе имаат мир“, рече Зеленски.
Европа и натаму се обидува да помогне. Бриселнскиот портал Политико пишува дека е можно Украина да добие кандидатски статус за членство во ЕУ. Во текстот кој се повикува на дипломатски извори се додава дека ЕК не заборава дека Украина е единствената земја во Европа каде што умираат луѓе и сега на Украинците не може да им се каже „извинете, веевте погрешни знамиња“.
Алиса Шутиноска
