„Тие мамеа“, беа реакциите кои се слушнаа во неделата вечерта и изутринава, по првиот првиот круг од парламентарните избори во Франција, кои го ставија претседателското мнозинство и Нупес во водство.
Според првичните резултатите, владејачката коалиција на Макрон освоила 25,2 отсто од гласовите, а исто толку добила и левичарско-зелената коалиција Нупес. Повеќе од 6.000 кандидати, на возраст од 18 до 92 години, се натпреваруваат за 577 места во Националното собрание во првиот круг од изборите. Оние кои ќе добијат најмногу гласови ќе поминат во одлучувачкиот втор круг на 19-ти јуни.
„Јас сум поприлично умерен гласач, да се изразиме така. Ќе речете дека тоа е дипломатски одговор, но не ми се допаѓа сето ова фронтално спротивставување од двете страни што не носи ништо“, изјави пензионерката Аник Вајлан.
„Прашањето за куповната моќ не ми е главен приоритет иако и самата немам големи средства. Јас не функционирам така. Јас сум за рамноправност, расположеност, да престане да ги дели луѓето, да има мир во оваа земја“, рече Кетрин Бургус, реставратор на уметност.
Центристите на францускиот претседател Емануел Макрон се на добар пат да останат водечка политичка сила во парламентот, но евентуалната загуба на апсолутното мнозинство ќе го принуди Макрон на влегување во голем број компромиси, посебно кај планираната реформа на пензискиот систем каде што планира постепено зголемување на возраста за одење во пензија од 62 на 65 години, додека левичарот Меланшон вети дека ќе ја намали на 60 години.
„На крајот од овој прв круг, новиот народен сојуз води и ќе биде присутен во повеќе од 500 изборни единици во вториот круг и затоа проекциите во бројот на пратенички места во овој час немаат никаква смисла ако не се одржува илузијата“, изјави Жан-Лук Меланшон, лидер на коалицијата НУПЕС.
Партијата на крајната десничарка Марин Ле Пен освоила 19,2 отсто од гласови. Ле Пен изрази оптимизам дека ќе може да има своја пратеничка група во парламентот, за што и се потребни 15 мандати. Новоименувата премиерка на Франција, Елизабет Борн повика на „недела на мобилизација“ пред вториот изборен круг, таа и другите 14 министри мора да ги задржат местата во парламентот за да останат на функциите.
Комплицираниот француски изборен систем води до делумно големи разлики меѓу процентуалниот удел и распределбата на местата во парламентот, зашто, на крајот важат само гласовите за победникот во секој изборен круг.
Дали повикот за мобилизација на Борн ќе наиде на одек кај Французите, е неизвесно. Во првиот круг од изборите многумина покажаа дезинтерес и излезноста достигна нов неславен рекорд од 47 проценти.
Мартин Николовски
