Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија дека води „тотална војна“ против неговата земја, објави Асошиетед прес.
Во своето редовно полноќно обраќање до нацијата во пресрет на тримесечната годишнина од почетокот на војната, Зеленски рече дека руските вооружени сили извршиле 1.474 ракетни напади со вкупно 2.275 проектили. Огромното мнозинство од нив погоди цивилни цели, истакна тој.
„Навистина, немало таква војна на европскиот континент веќе 77 години“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател рече дека во рускиот ракетен напад врз градот Десна, 55 километри северно од главниот град Киев, минатата недела загинаа 87 луѓе. Русија сега ги концентрира своите трупи во источниот регион Донбас, околу градовите како Бахмут, Попаснаја и Северодонецк, рече тој.
Зеленски ги повика Украинците кои не се на бојното поле да помогнат колку што можат и истакна дека негова задача е да работи на зголемување на меѓународниот притисок врз Русија. „Апсолутен приоритет е оружјето и муницијата за Украина“, нагласи тој.
Тројца цивили загинаа вчера во руските напади во областа Доњецк, изјави гувернерот на источниот украински регион Павло Кириленко. Тој не даде детали.
Вчера Кириленко изјави дека во близина на соседниот регион Луганск се водат тешки борби и дека линијата на фронтот е под постојан оган. „Ситуацијата е тешка“, призна тој.
Кириленко најави и дека голем дел од жителите на Доњецката област веќе се евакуирани. 1,6 милиони луѓе живееле во делот од регионот кој бил под контрола на Украина пред руската инвазија. „Остануваат не повеќе од 320.000 луѓе“, рече тој.
Гувернерот на Луганската област Серхи Гајдаи изјави дека евакуацијата на локалното население продолжува секој ден. Луѓето „се согласуваат со ризикот (да си заминат)“, бидејќи она што се случува во градовите е многу полошо“, рече тој.
