Вести Македонија Најважни

Македонскиот јазик е признаен во светот и не потекнува од бугарскиот, тврдат научните работници

Македонскиот јазик е темел на македонскиот идентитет и негирањето на нашиот јазик од страна на Бугарија значи и негирање на нашиот идентитет.Македонскиот јазик е признаен во светот и не потекнува од бугарскиот јазик, зашто двата јазици имале сопствен развој,  рекоа од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет, на денешното чествување на Денот на македонскиот јазик.

Македонскиот јазик е јужнословенски јазик. Си има паралелно свој сопствен развој , како што си има и бугарскиот свој сопствен развој. Јас токму тоа го нагласив и секогаш го нагласувам, апропо сегашнава ситуација дека македонскиот јазик има еден континуитет кој што е неспорен . Секој што сака да прочита и да ги види фактите , тој континуитет ќе го види . И тоа не е нешто што само ние го тврдиме како Македонци.Тоа е од светот признаена работа, од светските научници, вели проф. д-р Искра Пановска- Димкова , катедра за македонски јазик при Филолошкиот факултет „ Блаже Конески“

Двојно е зголемен бројот на нови студенти последнава година кои на академско ниво го изучуваат македонскиот јазик, во однос на минативе години. Но, потребно е вработување нов кадар на Институтот за македонски јазик, зашто постоечкиот е преполовен, а последниве 4 години не се примени нови научни работници.

Во спротивно ќе се доведеме во ситуација во 21 век да си го укинеме сами македонскиот јазик, не заради соседите Бугари, не заради Европската Унија , која впрочем и не мора да не прими ако не сака , туку заради тоа што ќе нема кој да зборува македонски. Јазикот живее додека живеат неговите говорители, а на нашите улици повеќе се слуша англиски јазик зашто родителите си ги подготвуваат своите чеда за некоја странска земја.А, потребата од наставен кадар има само таму каде што има деца, смета Веселинка Лаброска- дописен чен на МАНУ

 

Се посветуваме на континуирана обука и надградба на постојниот кадар. Но , и на привлекување на нов кадар кој би го предавал овој предмет или пак би се занимавал со македонскиот јазик од научен аспект, вели Љуљзим Алиу- заменик министер за образование и наука

Итно е потребно и усвојување на новиот Закон за македонски јазик , кој е заглавен во Собранието.

Со тој закон се пропишува дополнително вработување на лектори во сите институции. Тоа значи дека веќе нема да имаме неписмена преписка. Потоа задолжително вработување лектори во сите медиуми, со што ќе имаме поголема чистота и грижа за македонскиот јазик, изјави Елена Јованова- Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „ Крсте Мисирков“

Со Стратегијата за македонскиот јазик, што се подготвува, ќе се организираат обуки, но и отворање нови лекторати во странство, како и издавање ново, дополнето издание на Правописот на македонскиот јазик, рече претседателот на Советот за македонски јазик , Људмил Спасов, на прославата во Клубот на пратеници.

Со одлука на Владата, Денот на македонскиот јазик се чествува на 5 мај ,четврта година по ред . Датумот се поврзува со усвојувањето на азбуката и кирилското писмо како официјални од страна на Народната влада на Федерална Македонија, во 1945 година.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе