Енергетската и економска криза се заканува да ги помати плановите на властите за навремена реализација на еколошките политики.
Тоа што со години не е направено, уште може да се одложува заради светската криза којашто започна со пандемијата, а продолжува со војната. Државните институции, болници, училишта и ред други објекти кои се греат на мазут и други нееколошки горива може да почекаат уште малку пред сите до една да се насочат кон поеколошки начини на греење.
Списокот е долг, а засега само Гинекологија Чаир и кумановската болница се успешно завршени.
„Годинава побаравме сите државни институции да подготват листи на кој начин се греат објектите. И од општинските институции исто така. За жал, мораме да бидеме свесни дека се наоѓаме среде економска и енергетска криза и дека сега мораме да го поддржиме економскиот процес, но тоа не значи дека ќе го стопираме процесот.“ – изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Институциите и тоа што тие го испуштаат од оџаците не е единствен проблем за околината туку е само еден од многуте.
Како главен загадувач особено во главниот град, се лоцирани домаќинствата заради начинот на греење. Енергетска ефикасност има премалку.
Ова го утврдиле стручни лица во Анализата на изворите на загадување во градското подрачје на Скопје.
Професорите акцентот го ставија и на градежната офанзива и тоа што на околината ѝ го прават високите згради кои постојано никнуваат.
„Генерално, Скопје е лоцирано во котлина којашто е изразита и којашто има силни процеси на температурна инверзија. Тука имаме долги периоди на мирна и стабилна атмосфера во текот на зимата, што придонесува емитираните загадувачи да останат во приземната зона. Влијанието на високите градби секако дека ги менува микроструењата и прави кањони.“ – оцени професорот на универзитетот „Гоце Делчев“, Дејан Мираковски.
Еден од главните проекти поврзан со енергетската ефикасност на Македонија во целина ќе почека уште пред да се реализира.
Гасоводната траса е речиси готова и сега се подготвуваат административните работи за почеток на втората фаза.
Се бара изведувач за изградба на гасоводна мрежа и дистрибуција на гасот до домовите. Тоа би требало да се случи до 2026 година според првичните проценки на властите.
Петар Догов
